Фото: Игор Бансколиев

Менувањето на навиките на граѓаните во услови на ограничено движење поради корона-кризата придонесе за впечатлив годишен раст на нивните плаќања со платежни картички преку интернет во земјата од 141 отсто, како и на кредитните трансфери иницирани по електронски пат од 28 отсто, во текот на сите три квартали од 2020 година

РАСТ НА БЕЗГОТОВИНСКОТО ПЛАЌАЊЕ ВО ЕК НА ПАНДЕМИЈАТА

Пандемијата на ковид-19 и социјалното дистанцирање ги принудија луѓето сѐ повеќе да плаќаат со картички или онлајн. Плаќањата со платежните картички во трговијата во земјата забележаа значителен годишен раст од околу 40 отсто. Експертите велат дека ова е процес што треба да се случи и не може да се запре, само прашање на време е кога ќе биде тоа, односно кога единствениот метод на плаќање ќе биде со картички и мобилни апликации.
Како што нагласува поранешниот гувернер на Народна банка, Љубе Трпевски, единствена позитивна работа од корона-кризата е што се зголеми овој начин на плаќање на сметка на готовинското плаќање, велејќи дека тоа е еден добар резултат.
– Сепак, ние сме сѐ уште далеку од земјите како Литванија, Естонија, Шведска, каде што речиси нема плаќање во кеш, туку сѐ е со безготовински начин на плаќање. Оваа пандемија во Македонија придонесе многу од граѓаните да плаќаат на безготовински начин, а сигурно и од здравствени причини се насочуваат кон онлајн плаќањата – додава Трпевски.
Според него, придобивки на овој начин на плаќање се намалување на трошоците за обработка и складирање на парите, како и за заштита на граѓаните од потенцијални грабежи.
Од Народна банка појаснуваат дека менувањето на навиките на граѓаните во услови на ограничено движење поради пандемијата придонесе за впечатлив годишен раст на нивните плаќања со платежни картички преку интернет во земјата од 141 отсто, како и на кредитните трансфери иницирани по електронски пат од 28 отсто, во текот на сите три квартали од 2020 година.

– Плаќањата со платежните картички во трговијата во земјата во третиот квартал од 2020 година забележаа значителен годишен раст кај бројот и вредноста на остварените трансакции од 41 отсто и 42 отсто, соодветно. Притоа, забележлив е високиот годишен раст на бројот на плаќањата на граѓаните со платежни картички на местата на продажба на интернет, кој во третиот квартал од оваа година изнесуваше 175 отсто и е речиси петкратно повисок од годишниот раст во истиот квартал од минатaта година (37,7 отсто) – велат од Народна банка.
Оттаму додаваат дека во однос на користењето на платежните картички на физичките места на продажба, во третиот квартал од оваа година беше остварен годишен раст од 36,8 отсто, кој е значително повисок од годишниот раст во истиот квартал од минатата година 22,3 отсто.
– Од почнувањето на ковид-кризата па наваму, физичките лица сѐ почесто ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронски кредитни трансфери иницирани од страна на граѓаните во третиот квартал се зголемил за значителни 35,4 отсто на годишна основа, што е речиси трипати повеќе во споредба со годишниот раст во истиот квартал во 2019 година 12,8 отсто – споменуваат надлежните од Народна банка.
Тие истакнуваат дека за извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле мобилните апликации, што укажува на натамошно менување на платежните навики во прилог на користењето на дигиталните канали за плаќање.

– Бројот на плаќања извршени со мобилен телефон забележително пораснал за значителни 84,2 отсто на годишна основа. Остварениот раст кај плаќањата извршени на ваков начин е исто така многу повисок од годишниот раст остварен во третиот квартал од минатата година, кој изнесуваше 49,3 отсто. Покрај тоа, продолжува и трендот на голема употреба на компјутерите за извршување плаќања во земјата од страна на граѓаните – 20,1 отсто, тој е повисок за четири пати од годишниот раст во третиот квартал од минатaта година, кој изнесуваше 4,7 отсто – објаснуваат од НБРСМ.
Од друга страна, оттаму велат дека условите што ги наметна пандемијата на ковид-19 придонесоа за забрзано менување на навиките на граѓаните и во однос на иницирањето кредитни трансфери на хартија, при што бројот на кредитните трансфери иницирани на овој начин забележа висок годишен пад од 34,4 отсто во третиот квартал оваа година, наспроти годишниот раст во истиот квартал во минатата година, од 8,5 отсто.