Појавата и брзото ширење на вирусот неповолно се одразуваат на повеќе стопански гранки и дејности. Најпрво на удар се најде производството на нафта,поради намалената потрошувачка во Кина, но страдаат и редица други индустриски гранки. Какви последици може да претрпи македонската економија
Ширењето на новиот коронавирус низ Кина, но и низ светот, според економистите, ќе има значително влијание не само на кинеската туку и на севкупната економија. По одлуката за затворање на границите, откажувањето на голем број летови, прекините во патниот и железничкиот сообраќај, оваа недела дел работници во најголемата светска економија се вратија на работа или, пак, според пишувањата на медиумите, продолжија да работат од дома. Сепак, во одредени региони што се најпогодени од вирусот и понатаму остануваат забраните за движење.
Ширењето на вирусот најпрво удри по производството на нафта, поради намалената потрошувачка во Кина, така што најголемите светски производители на нафта преговараат колку да го намалат производството. Цената на суровата сурова го достигна најниското ниво за една година, откако падна за 20 отсто од својот врв во јануари.
Цените на нафтата на светските берзи паѓаа и минатата, петта, недела по ред, како последица на стравувањата дека поради економските последици од ширењето на коронавирусот во и надвор од Кина ќе се намали побарувачката на „црното злато“.
Рекорден пад на побарувачката на нафта
Најголемиот увозник на сурова нафта во светот, кој обично троши околу 14 милиони барели на ден, има потреба од многу помалку нафта за електрична енергија, за возила и за осветлувањето.
Вирусот има особено големо влијание врз побарувачката на авионско гориво, бидејќи авиокомпаниите во светот ги суспендираат летовите кон Кина, а ограничувањата за патувања во земјата значат и многу помалку внатрешни летови.
Блумберг објави дека дневната потрошувачка на сурова нафта во Кина опадна за 20 отсто, што е еквивалентно на потребите за нафта во Велика Британија и Италија. Висината на падот ја шокира енергетската индустрија.
– Досега не сме виделе друг настан што имал толку силно влијание врз побарувачка на нафта, особено не толку брз како овој пат – истакна аналитичарот на нафта Фил Флин.
Остриот пад на побарувачката на нафта е јасен симптом на пад на деловната активност во Кина и знак дека економскиот раст на земјата, кој веќе беше на ниско ниво, ќе забави уште повеќе.
Ќе забави светскиот економски раст?
Економистот Занг Минг, поддржан од владата на Кинеската академија за општествени науки, изјави дека избувнувањето на вирусот може да го намали годишниот економски раст на земјата под 5 отсто.
– Кина е втора најголема економија во светот и клучен двигател на глобалниот економски раст. Секое негативно влијание во Кина е речиси сигурно дека ќе прерасне низ целиот свет – кажал Минг.
Управната директорка на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, рече дека епидемијата најверојатно ќе го забави светскиот економски раст барем на краток рок, но додаде дека сè уште е рано за да се предвиди како ќе се одвиваат работите понатаму.
Само некои од фабриките го продолжија производството
Низ земјата, некои работници почнаа да се враќаат на работа, во канцелариите и фабриките, откако годишното празнување на Кинеската нова година се претвори во продолжен карантин поради избувнувањето на вирусот. Некои од ограничувањата за работа и патување воведени од надлежните институции беа олеснети, но, сепак, многумина ќе продолжат да работат од дома. Во Пекинг, патиштата беа попрометни отколку во последните недели, но вообичаено преполните возови останаа речиси празни. Малкуте патници што може да се забележат на улиците или во јавен превоз носеле маски за лице, јавуваат светските медиуми. Од друга страна, многу компании им предложиле на своите работници да работат од дома.
И покрај напорите на Владата да ја смири јавноста и да го поттикне враќањето на работните места, сепак кај граѓаните се чувствува загриженост.
– Секако дека сме загрижени – посочил 25-годишен маж во салон за убавина во Пекинг, кој почнал со работа од вчера. Истакнал дека во салонот им мерат температура на клиентите и ги замолуваат да си ги измијат рацете штом ќе влезат.
Некои од големите светски брендови, како компанијата „Фолксваген“, за вчера најавија отворање на дел од своите претходно затворени фабрики, додека други го одложија производството за уште една недела. Така на пример „Тојота“ го продолжи затворањето на кинеските постројки до 16 февруари.
Јужниот град Гуангжу соопшти дека ќе го обнови јавниот транспорт. Но провинцијата Хубеи, која е најтешко погодена од кризата, останува блокирана, со затворени железнички станици и аеродроми, како и патишта.
Училиштата во провинциите низ Кина ќе бидат затворени до крајот на февруари.
Македонските државјани на крузерот во Јокохама се во добра состојба
Амбасадата на Македонија во Токио остварила директна комуникација со тројцата македонски државјани што се наоѓаат на бродот „Дајмонд принцес“, во Јокохама, Јапонија, информира вчера Министерството за надворешни работи.
– Станува збор за двајца мажи и за една жена, членови на екипажот, и се наоѓаат во добра здравствена состојба – се вели во краткото соопштение на МНР.
За потсетување, крузерот „Дајмонд принцес“ од почетокот на овој месец е во карантин откако кај еден патник бил дијагностициран коронавирусот. Бројот на заразени на бродот постојано расте и до вчера беа потврдени 130 случаи. А.С.