Намалувањето на стапката на невработеност, иако бавно, според експертите, не се должи толку на новите вработувања колку на бришењата од евиденцијата на Агенцијата за вработување поради иселувања
Иако во Македонија се намалува стапката на невработеност, сепак таа е далеку од стапката во еврозоната и сѐ уште е клучен проблем во општеството. Според последниот извештај на ДЗС, стапката на невработеност изнесува 20,8 отсто, а во ЕУ таа е 7,9 отсто. Сепак, барем на прв поглед, поинтересно е прашањето како намалувањето, иако бавно, воопшто е можно кога немаше пораст на економијата во последниве години. Економските експерти го објаснуваат тоа со бришењето на тие што се иселуваат од евиденцијата во Агенцијата за вработување.
– Вработувањето е еден од начините за справување со сиромаштијата и стапката на невработеност се намалува како резултат на новите вработувања, но и поради заминувањето на младите во странство – вели претседателот на Организација на работодавци на Македонија (ОРМ), Ангел Димитров.
Од друга страна, тој додава дека огромен број работни места остануваат непополнети поради расчекорот на понудата и побарувачката. Затоа, според него, Македонија мора многу да работи на усогласување на потребите од разни занимања и на понудата на работна сила.
– На лицата со ризик од сиромаштија им се потребни повеќе средства во семејниот буџет. Тоа може да се постигне со вработување на невработените во семејството и преку преквалификации и обуки за подобро платени работни места. На пазарот недостигаат многу стручни занимања и занаетчии, а невработените лица со ризик од сиромаштија немаат знаења и квалификации за овие занимања – нагласува Димитров.
Професорот Абдулменаф Беџети неодамна истакна дека забавувањето на економскиот пораст и, од друга страна, намалувањето на невработеноста не се поради економското подобрување и порастот на БДП.
– Се работи за техничко-статистичка операција, која најверојатно подразбира бришење на невработените од системот на податоци, како и иселување од државава – истакна Беџети.
Според Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија, вработувањето и намалувањето на невработеноста треба да ја подобруваат социоекономската состојба на населението, на тој начин се поттикнува и подобрува и потрошувачката во општеството, односно економијата.
– Кога со години стапката на невработеност е премногу висока или, пак, е далеку од европските стапки, треба да се пристапи кон олеснување на трошоците за водење бизнис, особено на микро и малите претпријатија, а со тоа би се намалила и социјалната помош, односно трошоците за социјална помош. Државата мора да се децентрализира на економски план, како на пример да се приватизираат некои од јавните сервиси на национално и локално ниво, мора да се вложува во
локалната инфраструктура, да се олесни пристап до енергенти и логистика. Мора да се овозможи отворање на сите енергетски, економски и образовни ресурси еднакво за сите – рече Бошков.
Но, како што објаснува претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, целиот процес на намалување на невработеноста мора да започне уште порано, со унапредување на системот на образование во согласност со потребите на бизнисот, преку втемелување на дуалните принципи во средното стручно образование.
– Резултатот од ова е да произведеме профилирани кадри што стекнатото теоретско знаење во училиштето ќе го унапредат, проверат и спроведат и практично, преку директна практична работа во компаниите, притоа водејќи сметка за потребите на работната сила на пазарот. Сето тоа би значело и наш конкретен придонес во усогласувањето на наставните програми со потребите на бизнисот, што ќе има директни импликации и врз намалувањето на стапката на невработеност. Имено, факт е дека во земјите каде што функционира системот на дуално образование, стапката на невработеност е помала од 10 отсто – нагласува Азески.