Постепеното германско повлекување од употребата на нуклеарна енергија ќе заврши до крајот на 2022 година. Безбедни складишта за нуклеарен отпад сè уште не се пронајдени, но некои земји сè уште градат нови реактори. Токму затоа, „Дојче веле“ го поставува прашањето дали нуклеарната енергија има иднина.
Во 32 земји во светот моментно има 413 нуклеарни реактори. Според извештајот на Светската нуклеарна индустрија, во 2019 година нуклеарната енергија опфаќала само 10 отсто од светските потреби за електрична енергија. Ова учество било највисоко во 1996 година, кога изнесуваше 17,5 отсто.
Во Европа, САД, поранешниот Советски Сојуз и во Јапонија повеќето нуклеарни реактори се изградени во перидот меѓу 1968 и 1986 година. Нивната просечна старост е 31 година.
САД со 94 нуклеарни реактори што работат, се лидери во светот. Тие со нив пополнуваат 20 отсто од сопствените потреби за електрична енергија. Повеќето реактори биле ставени во функција пред 1985 година, а само еден во последните 20 години. Во 2013 година започна изградбата на два нови реактора, која доцни, додека се очекува да бидат пуштени во употреба во наредните неколку години. Неизвесна е иднината на нуклеарната енергија во САД. Покрај развиените концепти за новите генерации на нуклеарни реактори, прашањето е дали тие еден ден ќе можат да произведуваат електрична енергија профитабилно како и обновливите извори. Во САД нема складиште за високорадиоактивниот отпад и тој се чува во електраните.
Во Русија моментно работат 38 нуклеарни реактори. До 2019 година тие покриваа околу 20 отсто од потребите за електрична енергија на државата. Во последните десет години Русија во употреба пуштила десет нови нуклеарни реактори. Од 2018 година, Русија во фаза на изградба има уште две енергетски единици кои треба да бидат готови во следните неколку години. Просечната старост на реакторите е 28 години.
Русија, повеќе не сака да ја субвенционира изградбата на нуклеарните централи на државната компанија „Росатом“ на своја територија, и претпочита да профитира најмногу со градење реактори во странство. Според информации на Светската нуклеарна индустрија во моментов се градат десет руски реактори во странство, по два во Бангладеш, Индија, Турција и во Словачка и по еден во Иран и во Белорусија. Русија нема складишта за високорадиоактивен отпад, па затоа е критикувана за недостаток на транспарентност во врска со нуклеарниот отпад.
Во Индија работи 21 реактор од кои се обезбедува само три отсто од електричната енергија во државата. Моментно во Индија има уште шест нуклеарни реактори во изградба, со што се очекува до 2027 година вкупниот капацитет на нуклеарните централи да се зголеми од пет на 30 гигавати.
Кина е на врвот на листата на земји што во последните години изградија повеќе нови нуклеарни реактори. Само во последните децении Кина во својата електродистрибутивна мрежа има приклучени 37 реактори, додека 17 се во изградба. Кина се повеќе се потпира на обновлива енергија на сметка на нуклеарната енергија.
За Франција може да се заклучи дека повеќе се повеќе се потпира на нуклеарната енергија од која било друга земја во Европа. До 2019 година, дури 71 отсто од потрошувачката на електрична енергија Франција ја пополнувала од нуклеарните централи во земјата, од кои моментно се активни 56. Најголемиот производител на нуклеарна електрична енергија во светот, „ЕДФ“ што е во државна сопственост, има долгови од 42 милијарди евра, а до 2030 година мора да инвестира околу 100 милијарди евра за одржување на старите реактори. Дали во наредните години ќе се градат дополнителни нуклеарни единици во Франција? Прашањето ќе се реши по претседателските избори во 2022 година. Во Франција, слично како и во други држави, нема складишта за високорадиоактивен отпад.
Полска започнала со планирање и проект за сопствено произведство на нуклеарна енергија уште од 1980 година, кога и започнала изградбата на два реактора. Изградбата била запрена по нуклеарната несреќа во Чернобил во 1986 година. Потоа имало неуспешни обиди за рестартирање на проектот, а во 2014 година полската влада усвоила и план за изградба на нови шест нуклеарни реактори. Првиот, според плановите треба да биде поврзан со мрежата до 2024 година, но оттогаш малку е направено, бидејќи останува нејасно како ќе се финансира оваа скапа програма. Нема инвеститор кој сака да произведува електрична енергија преку скапа нуклеарна технологија.