Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пандемијата, исто како и насекаде низ светот, и во Македонија го поттикна развојот на ИКТ-индустријата, но за разлика од глобалните трендови, податоците
од земјава укажуваат на дефицит на овој вид работната сила, особено на сениор софтверски инженери

НАСПРОТИ ГЛОБАЛНИОТ ТРЕНД НА ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА

Иако изминатата пандемиска 2020 година се покажа како многу негативна за економијата и голем број компании работеа со загуби поради рестриктивните мерки или намалените порачки, таа го поттикна развојот на ИКТ (информатичка, комуникациска и телекомуникациска) индустријата и ја зголеми потребата од повеќе специјалисти во оваа област. Податоците на Евростат покажуваат раст на бројот на работници во ИКТ-индустријата во текот на 2020 година, а претставниците на домашниот сектор потенцираат дека тенденциите се исти и во нашата земја, со таа разлика што кај нас сѐ уште има недостиг од тој вид работна сила.
– Во 2020 година, околу осум милиони луѓе во ЕУ работеа како специјалисти за ИКТ или 4,3 проценти од вкупната работна сила на ЕУ. Ова учество беше за 0,4 процентни поени поголемо отколку во 2019 година, кога специјалистите за ИКТ учествуваат со 3,9 отсто во вкупното вработување – пишува Евростат.
Претставниците на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) посочуваат дека и нивните податоци укажуваат на раст на ИКТ-секторот и на потребата од нови вработувања.
– Бројот на компании во ИКТ-секторот е зголемен за околу 200 нови компании во 2020 година и во моментот имаме 2.378 компании што работат во овој сектор во Македонија. Бројот на вработени во ИКТ-индустријата достигна 16.712 вработени во 2020 година, раст од осум проценти или околу 1.200 нови вработени во 2020 година во споредба со претходната година. Сепак, и покрај овој раст, заклучокот е дека растот на ИКТ-секторот е ограничен поради недостигот од соодветна работна сила, при што истражувањата на МАСИТ покажуваат дека дефицитот е особено нагласен во делот на сениор софтверски инженери – објаснува Петар Ниновски, член на управниот одбор на МАСИТ.

Ниновски објаснува дека зголемената побарувачка на квалификувани ИТ-кадри го извади на површина и проблемот со дефицит на соодветна работна сила.
– Неодамнешниот извештај за пазарот на трудот во ИТ-секторот во Македонија, изработен од „Браинстер“, укажува на состојбите на ИТ-пазарот. Статистичките податоци покажуваат дека во 2019 година имало 685 дипломирани студенти на ИКТ-студии, што резултирало со недостиг од 568 луѓе, имајќи го предвид просечниот годишен раст од 1.253 нови работни места. Проектираниот недостиг од работна сила во ИКТ-секторот за периодот 2020-2023 година е дури 5.142 работници според податоците на МАСИТ. Овде во најголема мера зборуваме за професиите од различните области од СТЕМ (science, technology, engineering and mathematics – наука, технологија, инженерство и математика), но од друга страна, Евростат наведува дека токму во овие области имаме дефицит на дипломирани кадри. Нашиот извештај посочува дека во Македонија има 7,7 СТЕМ-дипломци на илјада жители и по тој параметар земјата е практично на крајот, односно на 33-то место од вкупно 35 земји-членки и кандидати за членство во ЕУ – појаснува Ниновски.
Ниновски објаснува дека минатата пандемиска година не само што не му наштетила на ИТ-секторот туку, напротив, го поттикнала неговиот развој, особено со оглед на фактот дека голем дел од фирмите беа принудени да се префрлат на работа од далечина (remote working), а сето тоа беше овозможено од платформи и софтверски решенија што беа креирани од ИТ-индустријата.
– Ефектот на пандемијата може да се набљудува и врз основа на тоа што се случуваше на берзите. Берзанскиот индекс на „Насдак“ (составен главно од технолошки компании и нивните акции) порасна за 43,2 проценти во 2020 г. Додека растот на берзите „Доу Џонс“ и „Ес-енд-пи 500“ (составени главно од компании од „традиционалните“ индустрии и нивните акции) изнесуваше околу 6,3 отсто и 15,4 проценти. Истиот тренд може да се забележи и во Македонија, каде што во согласност со податоците публикувани од МАСИТ, 2020 беше рекордна година за ИКТ-секторот во Македонија, при што истиот тој оствари вкупен приход од речиси една милијарда евра (985.269.985 евра), што претставува раст од 12 отсто во споредба со 2019 година. Исто така, извозот на ИКТ-услуги порасна за 10,7 проценти споредено со претходната година и достигна над 241 милион евра во 2020 г. (споредено со околу 218 милиони евра во 2019 и 183 милиони во 2018 г.) – објаснува Ниновски.

Според последните податоците што ги објави Државниот завод за статистика, највисоки примања во Македонија имаат ИТ-специјалистите, или поточно компјутерски програмери, чија плата во просек се движи од околу 70 илјади денари, и има раст од 10 отсто во споредба со истиот период мината година.
Дали токму високите плати и недостигот од работници во секторот се примамливи за работоспособните граѓани да се запишуваат на студии и да ги изучуваат информатичките технологии, но и колку од нив се подготвени да ги усовршат компјутерските технологии и вештини за да можат да најдат нова и подобро платена работа?
– МАСИТ сериозно му приоѓа на предизвикот поврзан со недостигот од ИКТ-кадри и низ низа активности се обидува да влијае на подобрување на состојбите. МАСИТ е во постојан контакт со надлежните институции за формално образование, разговара и со донатори, а активно работи и соработува со компаниите што нудат неформалното стручно образование во делот на ИКТ. Улогата на МАСИТ е многу значајна во овој дел од аспект на тоа дека комората ги застапува интересите на ИКТ-компаниите и ги комуницира нивните потреби со сите општествени чинители и стејкхолдери, со цел раст на секторот – потенцира Ниновски.
Тој се надева дека со заедничка соработка на формалното и на неформално образование ќе се задоволи интересот на младите за изучување и совладување ИТ-вештини и на тој начин ќе се поддржи и поттикне растот на ИТ-секторот во државата.
Инаку, Евростат во својата анализа објаснува дека уделот на специјалистите за ИКТ е во пораст во Европската Унија од 2011 година. Нивните податоци покажуваат дека меѓу 2019 и 2020 година, стапката на раст на ИКТ-специјалисти достигнала 7,5 проценти, што во споредба со просечната годишна стапка на раст од 5,2 отсто во изминатата деценија укажува на поголемо забрзување од специјалисти во оваа област. Според Евростат, ваквите новини може да се поврзани со забрзувањето на дигиталната трансформација што влијае на целата економија.

– Учеството на специјалисти за ИКТ во вработувањето беше најголемо во Финска (7,6 отсто) и Шведска (7,5 отсто), додека релативно високи удели беа забележани и во Естонија, Луксембург, Холандија, Ирска и Данска (сите над 5 отсто). Најмало учество на ИТ-вработувања се регистрирани во Грција (2 отсто) и Романија (2,4 отсто). Огромното мнозинство на лица вработени како специјалисти за ИКТ во ЕУ беа мажи. Во ЕУ како целина, жените учествуваат со 18,5 отсто од вкупниот број работници во оваа област. Како и да е, стапката на зголемување кај жените специјалисти по ИКТ е поголема отколку кај мажите од 2011 година навака, така што родовиот јаз се намали во текот на изминатата деценија за три процентни поени. Најголем удел на жени меѓу вработените специјалисти за ИКТ има во Бугарија (28,2 отсто), Грција (26,5 отсто) и Романија (26,2 отсто), додека најмали во Унгарија (12,3 отсто), Малта (11 отсто) и Чешка (10,3 отсто) – посочува Евростат во својот извештај.