Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со амбасадата на Израел во РСМ, денеска организираше средба меѓу израелски инвеститори и македонски компании – корисници на ФИТР чија цел е да се отворат нови можности за поддршка и развој на македонските компании и пристап до странски фондови.
-Македонија веќе не е изолиран остров туку станува дел од глобалните економски текови. Денес триесетина компании корисници на ФИТР имаат можност за директни средби со потенцијалните израелски инвеститори и верувам дека дел од нив ќе започнат со конкретна соработка- изјави Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Тој додаде дека Фондот и Владата на Република Северна Македонија остануваат посветени на финансиската поддршка за македонските компании.
-Годинава се планирани дополнителни 12.5 милиони евра инвестиции преку инструментите на ФИТР. Ние веруваме во потенцијалот на македонските компании и целта на овие иницијативи е да покажеме дека можеме да извезуваме иновативни продукти и услуги наместо човечки капитал- рече Деспотовски.
Амбасадорот на државата Израел во Република Северна Македонија, Дан Орион најави дека е ова е проширување на успешната взаемна соработка меѓу двете земји.
-Веќе работиме на многу проекти во повеќе области. Во нашите односи лежи огромен потенцијал кој треба да се искористи. Денес овде донесов неколку израелски инвеститори кои работат во различни области за да се запознаат со македонските компании. Ова денес е нов почеток кон проширување на взаемната соработка, особено со Фондот за иновации и технолошки развој- рече амбасадорот Орион.
На средбата на израелските инвеститори им беа претставени можностите за инвестиции во земјава, а македонските компании имаа можност за директни средби на кои ги презентираат своите бизнис проекти пред потенцијалните инвеститори.
Меѓу израелските компании и инвеститори има краудфандинг платформа со повеќе од 13000 инвеститори и со над 18 милиони долари инвестиции, потоа компании кои работат во ИТ индустријата со над 9000 вработени низ светот, меѓу кои и во Македонија, како и инвестициски фонд кој работи со стартап компании и е еден од фондовите со најголем процент на успешност на компании кои ги финансираат на светско ниво.