Домашните преработувачи на овошје и зеленчук имаат капацитет и за зголемено производство, а со самото тоа и за поголем извоз, но потребно е државата да им излезе во пресрет со одредени олеснувања
Силни турбуленции и чести прекини во синџирот на производството и на снабдувањето со храна низ целиот свет предизвика пандемијата на ковид-19. Но и покрај големите нарушувања во трговијата и во производството на храна, таа сепак, е една од индустриските гранки што беа најмалку погодени. Тоа го покажува и статистиката за трговијата со странство што македонските компании ја оствариле во текот на изминатава година. Македонските производители на храна во 2020 година во странство продале производи во вредност од 363,2 милиони евра, што е намалување за 1,1 отсто или за 4 милиони евра во споредба со извозот остварен во 2019 година, но е за 44 милиони повеќе од 2018 година. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека некои сектори во производството на храна имаат раст на продажбата во изминатите години, како на пример свежото овошје и зеленчукот и преработките од овошје и зеленчук. Дури половина од вкупниот извоз на храна минатата година отпаѓа на извозот на зеленчук и овошје, кој достигна близу 184 милиони евра. Ова е најголем извоз на овошје и зеленчук во последните 15 години. Податоците покажуваат дека преработките од зеленчук и овошје имале најголем раст на извозот минатата година кога тој достигнал 62,2 милиони евра што е за 16,8 отсто повеќе од претходната година.
– Намалувањето на извозот минатата година во споредба со 2019 година се должи на пандемијата предизвикана од ковид-19 и проблемите што настанаа.
Делумно имаше откажување на нарачките, но и првично отежнат пласман на веќе договорените количества. По воспоставувањето на зелената линија преку која се одвиваше транспортот на истите тие, извозот беше нормализиран и продолжи со вообичаената динамика. Генерално, извозот изминатите години забележа благ пораст, количински, но гледано ценовно многу повеќе, како резултат на поскапување на суровините и на готовите производи на светскиот пазар – објаснуваат од Стопанската комора на Македонија.
Оттаму велат дека зголемување на извозот на храна има и во други сектори, но извозот на свежо овошје и зеленчук и преработките од овошје и зеленчук генерално ја задржаа динамиката во извозот.
– Домашната преработувачка индустрија на овошје и зеленчук во изминатите неколку години, во однос на извозот, ја надмина винската индустрија и, практично, по тутунот и тутунските производи, е на второ место како извозен производ во земјоделскиот сектор. Домашните преработувачи имаат капацитет и за зголемено производство, а со самото тоа и за поголем извоз. Покрај постојните договори за извоз со земјите од ЕУ, но и со САД, Канада и со Австралија, тие се постојано присутни на сите поголеми светски саеми за храна, обидувајќи се да најдат нови пазари, а со тоа и да го зголемат извозот – велат од СКМ.
Во перидот од почетокот на пандемијата, додаваат од комората, компаниите извозници на преработено овошје и зеленчук имале заострени барања од партнерите во однос на квалитетот, кои домашната индустрија успешно ги исполнила.
– Конзервната индустрија, заедно со дел од кондиторската, пред сѐ производство на овошни сокови, има огромен потенцијал. За жал, еден од ограничувачките фактори се недоволно суровини од домашно производство, а истовремено и високите царини. Доколку државата им излезе во пресрет на домашните преработувачи на овошје и зеленчук, со намалување на царината или нејзино целосно укинување во периодот од годината кога немаме домашно производство, производството и извозот можат и двојно да се зголемат – истакнуваат надлежните од СКМ.
Според Калин Бабушку, управител и сопственик на „Македонија експорт“, и покрај тоа што има раст на извозот на храна во споредба со претходните години, сепак извозот на храна не требаше воопшто да падне во 2020 година.
– Ударот што го предизвика ковид-19 на нашите производи придонесе за намалување на извозот лани. Дополнително на тоа беше и затворањето на границите и неможноста за пласман на продуктите надвор од земјава, што го натрупа нашиот пазар, кој е максимално ценовно чувствителен – вели Бабушку.
Тој истакнува дека Македонија има одлични предиспозиции за да го зголеми своето производство за храна, и тоа реалниот сектор го прави.
– Само минатата година се појавија неколку интересни брендови во прехранбениот сектор и тоа е за секаков поздрав. Но не е само реалниот сектор тука што треба да направи нешто, туку тука е и државата, која треба на секаков начин да го поддржи овој сектор, како олеснување на царински постапки, субвенции на транспорт, брендирање, двојно оданочување, забрзан поврат на ДДВ, односно да направи приоритети, и ако знаеме дека прехранбениот сектор е приоритет на државава, тогаш најголемиот процес на силите треба да биде насочен таму – истакна Бабушку.
Освен тоа, како што вели тој, потребно е и банките да пристапат со олеснети кредити и со поддршка на реалниот сектор преку заеднички вложувања.
година милиони евра
2011 267,4
2012 264,4
2013 275,3
2014 293,5
2015 306,2
2016 315,2
2017 306,8
2018 319,7
2019 367,3
2020 363,2
Извор: Државен завод за статистика