Македонија мора многу сериозно да размисли за нуклеарната енергија. Во ред е да се градат капацитети на обновливи извори, сонце, вода, ветер, но мора сериозно да се размисли за стабилно снабдување со енергија. Без стабилно снабдување со енергија, не може да очекуваме инвеститори и развој на економијата, тврдат аналитичарите

ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА НАМЕТНУВА НОВИ ПОГЛЕДИ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА ПРЕДИЗВИЦИТЕ

Енергетската криза што ја зафати Европа, како и Македонија и земјите во регионот, наметнува нови прашања и нови погледи за надминување на недостигот од енергенти како кај нас, така и во соседството и пошироко. Постојаниот раст на цените на сите енергенти, но и нивниот недостиг, почнуваат да отвораат прашања во соседството во која насока треба да се движи енергетскиот сектор и како да се надмине недостигот од енергија.
Деновиве српски „Спутник“ објави анализа насловена „Нуклеарна иднина или камена доба: кој потег ќе го повлече Србија“. Во анализата на Никола Јоксимовиќ се истакнува дека тамошните власти се насочуваат кон пронаоѓање нови извори на енергија, најпрво преку закуп или учество во изградба на нова нуклеарна централа во соседството. Меѓу другото, се потенцира дека во земјата поради забраната за изградба на нуклеарни централи уште од времето на Југославија нема соодветно обучен кадар што би работел на таков проект.
Што се однесува, пак, до Македонија, во минатото, поточно во Стратегијата за развој на енергетиката во Република Македонија до 2030 година, беше предвидена изградба на нуклеарна централа во Мариовскиот Регион, но таа никогаш не беше реализирана.
Денес, со новата стратегија за развој на енергетскиот сектор до 2040 година, изградба на нуклеарна централа во земјава веќе не е во опција, а ниту таа е во согласност со плановите и најавите за производство на струја од обновливи извори на енергија. Сепак, тоа не ја исклучува и можноста за барање начини за користење и пристап до извори на енергија во соседството, односно закупување енергија од нуклеарките што се во нашата близина.

Економистот и аналитичар Горан Рафајловски за „Нова Македонија“ појаснува дека сегашната енергетска криза е светска и резултат на прераните одлуки за префрлање кон зелена енергија, бидејќи од обновливи извори производството на енергија е многу мало и не може да ги обезбеди потребните количества за стопанството во светот.
– Прераното гасење на термоцентралите, наместо нивно адаптирање во насока на намалено загадување, како и прераното затворање на нуклеарните постројки, доведе до оваа криза, која е сериозна. Македонија дополнително одамна не води сметка за својата енергетска состојба, воопшто не се грижи да изгради нов објект, нов капацитет, ниту пак се изградија долго зборуваните хидроцентрали Чебрен и Галиште, уште помалку нова термоцентрала или нуклеарна централа. А треба да им е јасно на сите дека ние имаме рудник на ураниум со кој може да се снабдува таков објект. Секако, за таков објект ќе ни бидат потребни сериозни инвестиции, посветеност, како и одобрувања, дозволи за изградба, но тоа е сериозна инвестиција и сериозно решение за обезбедување на потребните количества струја во Македонија, доколку се направи – укажува Рафајловски.
Според него, дури и вложување во друга држава, односно во нуклеарна централа што би се градела на туѓа територија е добро решение, но притоа мора со добар договор да се утврдат количествата на струја што треба да ги добиваме, а не со добивки и акции, туку со сериозен договор за испорака на енергија.

– Во светот веќе се креираат начини и модели за изградба на мини-нуклеарки, кои можеби се мини по форма, но се со сериозна моќност. Дури и „Ролс ројс“ доби 262 милиони фунти да развие таква постројка. Тие мини-постројки се врзуваат во капацитет од други 11, а Американците веќе имаат такви постројки… Македонија мора многу сериозно да размисли за нуклеарната енергија. Во ред е да се градат капацитети на обновливи извори, сонце, вода, ветер, но мора сериозно да се размисли за стабилно снабдување со енергија. Без стабилно снабдување со енергија, не може да очекуваме инвеститори и развој на економијата. Која ќе биде нашата компетитивна предност ако немаме доволно стручен кадар, ниту број на жители, ниту стабилна испорака на електрична енергија, или пак соодветна поврзаност со енергенти како гасот, уште помалку соодветна инфраструктура. Не треба да се чудиме што странските инвеститори лесно нѐ одминуваат. Енергетската криза ни покажува дека мора сериозно да пристапиме на полето на енергетиката, со сериозен план каде ќе се движиме – потенцира Рафајловски.
Тој дополнува дека Македонија може со здружување со странски компании со искуство во областа да дојде до знаење и стабилно производство на енергија.
– Светски познати компании може да ни покажат и да нѐ научат како да работиме во такви енергетски капацитети. Ако, да речеме, сметаме дека немаме знаење, тоа може да го направиме со конзорциум со странски фирми што веќе имаат искуство. Кризата покажува колку сме фрагилни економски и не можеме да планираме развој на економијата без стабилна инфраструктура во која енергетиката е сериозен фактор.
Од Министерството за економија за „Нова Македонија“ посочуваат дека во согласност со новите планови за развој на овој сектор, изградба на нуклеарна централа веќе не е во плановите.

– Новата стратегија за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година содржи три сценарија: референтно, умерена транзиција и зелено. Во ниту едно од сценаријата не се разгледува опција за изградба на нуклеарна електроцентрала. Впрочем, оваа стратегија е во согласност со најновите политики на Европската Унија за зелен раст и развој. Оваа стратегија е насочена кон зголемување на мерките за енергетска ефикасност и инвестирање во обновливи извори за производство на електрична енергија. Резултатите од стратегијата покажуваат дека зеленото сценарио, кое се базира на обновливи извори на енергија, е економски најисплатливо, со најмали емисии на стакленички гасови и со најмалку влијание врз животната средина – објаснуваат од Министерството за економија.
Наеднo од Министерството за економија посочија дека „дополнително во нашата земја нема човечки потенцијал за нуклеарна енергетика, кој не се создава прекуноќ. Потребно е подолг период за да се создаде таков капацитет“.
Академикот Глигор Каневче објаснува дека со новата стратегија за идниот развој на енергетскиот сектор во земјава не е планирана, ниту предвидена изградба на нуклеарна централа од повеќе причини. Како еден силен фактор поради кој изработувачите на студијата ја исклучуваат можноста на изградба на нуклеарка во земјава е висината на финансии неопходни за ваква инвестиција.

– Во последната стратегија за идниот развој на енергетскиот сектор во земјава не е планирана ниту предвидена изградба на нуклеарна централа, пред сѐ бидејќи сегашните цени за нуклеарните реактори се многу високи и тие се голем трошок за земја како Македонија. Новите генерации на нуклеарни реактори се продаваат по цени што се движат во рангот на десетици милијарди евра. Дополнително, истите тие се предвидени да креираат големи количества електрична енергија, додека нам ни се потребни помали реактори, а наедно и побезбедни од сегашните. Ова беa причините поради кои одлучивме да не предвидиме нуклеарна централа во стратегијата за развој на секторот во следниот период – објаснува Каневче.
Наедно академикот за „Нова Македонија“ појасни дека во ситуација нашата држава да одлучи да гради нуклеарна централа, стручен кадар би можел да биде обучен, истото тоа може да се постигне со испраќање луѓе од областа на обука за работа во еден таков капацитет, што не треба да претставува пречка за изградба на нуклеарна централа.
Каневче додава дека една од најнеопходните инвестиции во македонскиот енергетски систем, чија изградба треба да почне во најскор можен рок, е изградбата на хидроцентралата Чебрен.
– Едно од најнеопходните решенија што ни се потребни во следниов период и кое е значајно за нашиот енергетски систем е изградбата на хидроцентралата Чебрен, но и изградба на планираните хидроцентрали по должината на Вардарската Долина. Хидроцентралата Чеберен е значајна како инвестиција, бидејќи таа е планирано да биде реверзибилна хидроцентрала, или поточно со неа се планира истовремено да обезбеди акумулација на електрична енергија. Со неа е предвидено да има можност да се чува дел од енергијата што ќе се произведе и да се троши кога ќе има потреба. Како земја што цели да се ориентира и да го зголеми домашното производство од сонце и ветер, ќе имаме енергија што ќе треба да ја акумулираме, а Чебрен ќе има таква можност, затоа таа е најнеопходна. Сепак, и покрај многуте досегашни тендери, овој проект сѐ уште не е почнат – посочува академик Каневче.

Стратегијата за развој на енергетиката во Македонија до 2040 година предвидува три сценарија, референтно, сценарио за умерена транзиција и зелено сценарио, со посебни модели за намалување на увозната зависност од струја. Големата зависност на Македонија од увоз на електрична енергија, што зафаќа околу 30 отсто од вкупните потреби на пазарот, се очекува во наредните години постепено да се намалува. Главен предуслов за тоа е зголемувањето на производството на струја од домашни извори, како и инвестирање во нови капацитети, пред сѐ, од обновливи извори на енергија.
Според референтното сценарио, производството на струја треба да се зголеми на 9,4 терават-часа до 2040 година, главно од обновливи извори на енергија, и тоа да достигне 71 отсто од вкупната произведена електрична енергија. Според ова сценарио, зависноста од увозот ќе се намали до 14 отсто во периодот до 2040 година.
Во сценариото за умерена транзиција, капацитетот за производство на струја треба да се зголеми на 4 гигавати до 2040 година, со кое ОИЕ ќе достигнат 87 отсто од вкупно инсталирано портфолио. Ова сценарио буди опција за укинување на јагленот во 2025 година, како енергент за производство на струја.
Зеленото сценарио предвидува Македонија, според претпоставените големи инвестиции во ОИЕ, да го намали увозниот баланс на струја за 12 отсто, со што истовремено ќе се подобри интеграцијата во европскиот систем.
Еден од домашните експерти од областа на енергетиката со кои се консултиравме, но кој инсистира на анонимност, укажува дека и доколку за изградбата на нуклеарна централа би се одлучило денес, би се градела дваесетина години, со оглед на досегашното темпо на реализација на јавните инвестиции. Тој објаснува дека нуклеарната централа е сериозна инвестиција, која бара сериозна посветеност, а нашето досегашно искуство не покажува дека имаме истрајност во најавите за реализирање големи проекти.