Родовиот јаз со надолен тренд, предрасудите сѐ уште присутни
Вреднувањето на трудот, односно висината на платата, потоа општоприфатената поделба на работните позиции на машки и женски, но и обврските во домот, чувањето деца или повозрасни лица, се меѓу факторите што придонесуваат жените во Македонија помалку да се активни на пазарот на трудот. Нееднаквоста во платите, кога за иста работна позиција, па дури и со исто образование, жените добиваат помала плата ги демотивира во нивните определби да бидат активни на пазарот на трудот. Иако изминативе години родовиот јаз се намалува, сепак, податоците покажуваат дека и понатаму поголем е бројот на жени што се надвор од работните процеси.
Последните бројки од Државниот завод за статистика покажуваат дека во вториот квартал од 2021 година сме имале 325.021 жена што се неактивни на пазарот на трудот, додека во истиот квартал во 2020 година нивната бројка изнесувала 320.088, со што е забележан раст на неактивноста кај женската популација на возраст од 15 до 64 години. Од друга страна, кај мажите неактивни биле 166.658 лица во вториот квартал од оваа година, додека истиот период минатата година неактивни биле 173.497 мажи. Исто така се забележува благ раст на неактивните а работоспособни граѓани, од 732.870 во вториот квартал од 2020 година, на 736.450 неактивни но работоспособни граѓани.
– Во нашава држава поголемиот дел од невработеното и трудово неактивно население се жени, и тоа од сите возрасти. Поголем процент се постари лица неактивни во барање работа подолг период, додека кај средните генерации процентот е намален. Но, исто така, голем е и процентот на невработени млади жени, особено во помалку развиените или, пак, руралните средини. Помеѓу невработените жени многу често се среќаваме со неплатена работна сила, што значи жената е активна во стопанството, малото стопанство, семејниот имот, но притоа не е пријавена. Дополнително, голем процент жени работат во некои од услужните дејности, или изработуваат и продаваат продукти што се во сивата зона, односно не се пријавени како вработени. Доколку говориме за јазот во платите, од последното истражување направено во 2020 година, јазот во платите изнесува 17,2 отсто. Тоа значи дека за иста работна позиција жените земаат за толкав процент пониска плата од мажите. Разликата во висината на платите се јавува во приватниот сектор, додека во државните и јавните институции не се јавува јаз во платите, што во принцип покажува и дека јазот е поголем ако ги отстраниме јавните и државните позиции – укажува Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на бизнис-жени, национална платформа за женско претприемаштво.
Иста стручна подготвеност, но помали плати за жените
Истражување спроведено од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ за учеството на мажите и жените на пазарот на трудот покажало дека иако работодавецот е должен да обезбеди еднаков третман на мажите и жените, искуствата на работодавците и на работниците се речиси спротивни.
– Искуството на работодавците укажува дека овие одредби целосно се почитуваат, но постојат родови разлики, особено во учеството на жените на раководни позиции. Искуството на работниците е сосема спротивно. Тие се сведоци на родова дискриминација по сите основи, а најчесто жените се дискриминирани по основа на поделбата на задачите, кариерното напредување и плаќањето на трудот – пишува во анализата на „Фајненс тинк“.
Дисоска од Здружението на бизнис-жени објаснува дека висината на платата игра голема улога при изборот вработена/невработена или лице што зема помош од државата. Таа додава дека на терен често работодавците се среќаваат со кадри што немаат образование или стручност и ним работодавците не можат да им понудат плата многу повисока од помошта, па, според неа, тука настанува дополнителен проблем, лицата наместо да ја прифатат работата и да се доквалификуваат, односно да се остручат, остануваат лице примател на помош.
– Имаме ситуации кога жената е стручна во одредена област, а сепак има разлика во плати неосновано, односно засновано само на перцепцијата на работодавците и на начинот на преговарање и заземање став на жената за работната позиција и плаќањето на истата таа. Дополнително, платите се причина за невклучување на жените на пазарот на трудот, затоа што се доста ниски, а секако оние што сакаат да работат можат да работат во зоната на сивата економија, која не е доволно санкционирана. Доколку се санкционира сивата економија, нема да биде нелојална конкуренција, ќе имаат поголем обрт и поголеми плати. Кратко кажано, потребно е воведување ред и правна држава на сите полиња, за да можеме објективно да говориме за состојбите. Од сегашната состојба излегува дека државата некому му е мајка, а некому маќеа – вели Дисоска.
Таа исто така посочи дека социјалната инфраструктура игра голема улога во учеството на жените на пазарот на трудот.
– Потребно е да се обезбедат сервиси за згрижување деца и стари лица на сите нивоа и во сите средини, да се развие свест за социоекономските придобивки од вработувањето, не само за личната бенефиција туку и за зајакнување на државата преку плаќање придонеси, нешто што многу ретко го слушаме во нашава држава, а е најважно за да се креира достоинствено живеење во една држава – потенцира Дисоска.
Иако е забрането, жените на интервју за работа полагаат сметки и за плановите за раѓање деца
Иако во согласност со Законот за работни односи работодавецот не смее да објави оглас за работа со наведен пол, освен ако определениот пол е неопходен услов за вршење на работните задачи, чести се огласите каде што за одредена позиција се бара работник од одреден пол.
– За време на интервју, работодавците не смеат да ги прашуваат кандидатите за нивниот брачен и семеен статус, ниту лични прашања што не влијаат врз извршувањето на работните задачи. Сепак, има многубројни примери од искуства каде што се забележува дека во огласите има назначено пол како критериум за вработување, вообичаено на работни позиции во трговија на мало и угостителство, иако природата на работата не изискува одреден пол за извршување на дејноста. Дополнително, искуството, особено на жени, покажува дека тие биле најмалку еднаш, а најмногу на секое интервју за вработување прашани за личната или семејната состојба, како брачна состојба, план за брак, број на деца, план за деца и слично, за разлика од машките соговорници, кои немаат вакво искуство – посочуваат од „Фајненс тинк“.
Поголемото вклучувањето на жените на пазарот на трудот би имало многубројни позитивни ефекти врз економијата во земјата, но и врз вкупниот животен стандард на граѓаните. Сепак, за да се оствари тоа, неопходни се и предуслови што ќе им овозможат на жените помасовно учество во работните процеси.
– Потребно е да се види бенефицијата од вработливоста и особено од претприемаштвото, да се покаже дека со вклучување на пазарот на трудот, се подобруваат повеќе скалила од општественото и приватното живеење, мора да се разграничи што е само лично, а што општествено и социјално подобрување на животниот стандард, којшто се постигнува со легализација на работата и работната рака – посочи Дисоска.
Коронавирусот дополнителен удар врз приливите на жените
Дополнително, врз учеството на жените на пазарот на трудот влијаеше и корона-кризата, која го нагласи прашањето за родова рамноправност, не само кај нас туку и во глобални рамки.
– Пандемијата наметна рестриктивни мерки, кои најмногу ги засегнаа дејностите што се засноваат на социјална интеракција, односно услужниот сектор, но и неформалната економија, каде што учеството на жените е поголемо. Со тоа, кризата дополнително ја истакна и потребата од засилување на активностите за родова рамноправност. Во околности на здравствена криза, особено загрижува натамошното зголемување на неактивноста кај жените. Поголемата вклученост на жените во работната сила носи придобивки не само за жените туку и за целото општество, при што, според повеќе студии, се заклучува дека повисоката вклученост на жените може да доведе до повисок БДП за дури 10 отсто во развиените земји и дури 30 проценти во земјите во развој – посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Осврнувајќи се на состојбите во регионот на земјите од Западен Балкан, таа посочи дека, според студии на меѓународни институции, секоја година економиите на регионот имаат загуба од околу 18 отсто од нивниот БДП, како резултат на родовиот јаз на пазарот на трудот, но и дека две третини од изгубениот доход се објаснуваат со ниската вклученост на жените на пазарот на трудот. За поголема вклученост, гувернерката посочи дека се потребни институционални политики што ќе овозможат еднаков пристап до образование и здравство, како и поголем пристап до финансии.
– Оттаму, неопходни се активности за олеснување на пристапот до финансии, зголемување на финансиската едукација, особено кај жените со пониски примања, зголемување на дигиталните вештини, создавање посебни фондови за финансиска поддршка на инвестициите на жените – дополни Ангеловска-Бежоска.