Главен проблем ни е недостигот од финансиски средства, истакнуваат земјоделците објаснувајќи дека не успеваат да заработат ниту за набавка на основите материјали и хемикалии за заштита и ѓубрење на нивите, поради што на осигурувањето гледаат како на дополнителен трошок
Интересот за осигурување на земјоделските површини и култури и покрај едукативните кампањи, како и субвенциите за осигурување, останува многу низок. Земјоделците посочуваат дека главен проблем им е недостигот од финансиски средства, истакнуваат дека не успеваат да заработат ниту за набавка на основите материјали и хемикалии за заштита и ѓубрење на нивите, поради што на осигурувањето гледаат како на дополнителен трошок.
– Со години редовно садам пипер, краставици, домати и зелка. За среќа, не ни се случило насаденото да ни го уништи некое невреме, особено не продукти пред носење на пазар. Една година од град ни беше уништена штотуку засадена зелка, но истата таа потоа ја пресадивме и некако го спасивме родот. Искрен да бидам иако сме размислувале за осигурување, сепак, нивите ниту посевите не ни биле осигурени никогаш, пред сѐ оти пари не остануваат. Набавка на расад, на ѓубрива, на разни хемикалии за заштита од штетници или, пак, за прихранување… има многу трошоци, а заработката од година на година различна, но далеку од вишоци или големи заработки со кои би можеле да се опуштиме и да осигуруваме ниви – вели еден земјоделец од скопското село Петровец.
Осигурителните агенти истакнуваат дека и покрај напорите да го заживеат земјоделското осигурување, обидите им остануваат залудни. Објаснуваат дека се забележува зголемување на интересот за осигурување на разни посеви откако ќе се случи поголема непогода, кога ќе бидат уништени земјоделски продукти поради поплава, пожар или други несреќи, но дека сепак повеќе се сведува на интерес отколку на активни полиси.
– Понудите за земјоделците последниве години се зголемија, имаат можности да се осигурат посевите и плодовите од пожар, град, громови, поплави и од мраз, но сите обиди остануваат залудни. Дури ниту поддршката што ја даваат институциите со која е предвидено 60 отсто од цената на полисата да ја субвенционира државата не дава плод. Во одредени периоди се случуваше да се зголеми интересот за осигурителните полиси за земјоделските површини, особено по некое невреме, силен ветер, обилни дождови, грмежи, кога ќе биде објавено дека се уништени одредени засадени култури. Но многу е поголем интересот отколку што имаме осигурени површини – вели еден осигурителен агент.
Сепак, осигурителните агенти не сакаат да коментираат кои се причините за слабиот број на осигурителни полиси издадени за земјоделските посеви.
Упатените во осигурителниот пазар посочуваат дека се забележува пораст на бројот на склучени договори во земјоделското осигурување, но сметаат дека сѐ уште не е доволен бројот на земјоделци и земјоделски стопанства што ги осигуруваат нивите и неопходно е да се изгради ефикасен систем на осигурување во земјоделството, кое е изложено на климатските промени. Светските искуства покажуваат дека развојот на земјоделското осигурување може да се постигне со долгорочна и со одржлива имплементација на форма на јавно-приватно партнерство.
– Според моите контакти од терен, земјоделците од Росоман се меѓу ретките што редовно и помасовно ги осигуруваат засадените овошки. Сепак, факт е дека многу мал број земјоделци ги осигуруваат нивите. Еден од проблемите е што за одредени земјоделски дејности нема можности или нема понуди за осигурување, како на пример за осигурување на пчелните семејства. Јас во неколку обиди се распрашував кои се условите за осигурување на пчелите од мечки, но од најголем дел од компаниите добив негативен одговор. Од друга страна имаме и земјоделци што биле незадоволни од обештетувањето што го добиле по некоја несреќа, поради што подоцна се откажуваат од осигурување на имотот. Сепак, ова е сегмент што мора да се развива и кој мора да најдеме начин заеднички да функционира. Државата не е таа што треба да ги обесштетува земјоделците по некоја непогода, напротив таа го прави тоа на добра волја и затоа на обештетувањето понекогаш се чека со години, потребно е да се одвојат средства од буџетот и тие да се распоредат на сметката на министерството за да има за обештетување. Осигурување треба да биде најдобрата опција за заштита на земјоделците од разни непогоди и за да функционира тоа треба да се разработат соодветни понуди за секој сегмент од земјоделското производство, да одговара на потребите на секој поединец – посочува претседателот на земјоделското здружение „Агрофаланга“, Љупче Станковски.
Претставниците на осигурителниот сектор, пак, посочуваат дека осигурувањето е најсигурен начин за управување со ризиците и дека со осигурувањето на земјоделските производи во случај на непогода се обезбедуваат обесштетување и заштита на приносите.