Со примена на соодветни фискални мерки, како даночни ослободувања и намалени придонеси, во иднина треба да се поттикнува зголемување на производството во претпријатијата, проследено со зголемена продуктивност на вработените и сето тоа, дополнето и со други мерки, да придонесе за зголемување на платите на продуктивна основа
Ефектите од зголемувањето на минималната плата не го подобрија драстично животниот стандард на граѓаните и немаат никаков ефект врз вработувањето, а сѐ уште не се исклучува можноста за предизвикување на спротивниот ефект и за оптоварување на буџетот на фирмите. Наедно, се провлекува и прашањето дали работодавците можат финансиски да ја издржат оваа мерка, бидејќи во програмата на Владата е наведено дека минималецот ќе достигне до 16 илјади денари, а просечните примања ќе изнесуваат 30 илјади денари.
Според анализата на институтот за економски истражувања и политики, „Фајненс тинк“, не постои теоретски и емпириски консензус за крајниот ефект од зголемената минимална плата. Некои студии доаѓаат до заклучок дека таа има позитивни ефекти врз вкупните плати, но нема никаков ефект врз вработувањето, додека други заклучуваат дека минималната плата има тенденција да ја намали вработеноста кај нискоквалификуваните работници.
– Ниту новите истражувања за минималната плата, кои почнаа во 1990 година, не дојдоа до консензус за ефектите од минималната плата врз вработеноста. Генерално, поголемата минимална плата го подобрува животниот стандард на работникот што ја прима, но само ако тоа не е закана за укинување на неговото работно место – сметаат од „Фајненс тинк“.
Оттаму велат дека ѝ препорачуваат на Владата да ја зголемува минималната плата само во линија со продуктивноста во економијата, за да не влијае негативно врз работните места и преживувањето на некои фирми.
– Поисплатлива стратегија од субвенционирањето пораст на минималната плата може да биде поддршката на автоматизацијата и специјализацијата, особено во секторите текстил, кожа и обувки, како и во профилирање адекватни кадри и овозможување услови и поттикнување трансфер на нови знаења и умеења. Јакнењето на инспекцискиот надзор, синдикалното здружување и општата свесност за платата и за вложениот напор ќе го засилат ефектот од политиките врз животниот стандард на граѓаните – објаснуваат надлежните од институтот.
Од „Фајненс тинк“ велат дека резултатите од нивните спроведени интервјуа со работодавци укажуваат дека зголемувањето на минималната плата претставува значителен товар за фирмите во кои голем процент од вработените работи за минимална плата.
– Сепак, зголемувањето на минималната плата е подносливо во различен степен, во зависност од технолошката подготовка и од нивото на специјализација на компаниите. Колку што е повисоко технолошкото ниво на компанијата и колку што е поголема специјализацијата на нејзиното производство, толку се чини дека е поголем капацитетот да се апсорбира зголемувањето на минималната плата. Особено за странските фабрики, кои се на повисоко технолошко ниво и се повеќе вклучени во странските синџири на снабдување, зголемувањето на минималната плата не влијае значајно врз нивната финансиска кондиција – појаснуваат од институтот.
Тие додаваат дека и работодавците се согласуваат дека натамошното зголемување на минималната плата треба да се спроведува внимателно и во согласност со продуктивноста во економијата, за да не преовладеат негативните ефекти врз вработеноста
Професорот и ректор на „Американ колеџ“, Томе Неновски, смета дека повисоката минимална плата има влијание врз подобрување на животниот стандард на лицата што добиваат толкав износ на плата, особено на тие што работат во трудоинтензивните гранки како што се текстилната и кожарската индустрија.
– Зголемените плати на тие лица имаат позитивно влијание врз личната потрошувачка на населението, како еден од најважните мобилизатори на економската активност во земјата. Се разбира, останува прашањето дали тој ефект ќе може да биде позитивен и во претстојниот период кога минималната плата во целост ќе биде исплаќана од работодавците, а не на сметка на државниот буџет, и ако се има предвид отпорноста на работодавците кон зголемување на платите на нивна сметка во услови на несоодветна продуктивност на трудот – нагласува Неновски.
Професорот додава дека и теоријата и практиката потврдуваат дека зголемувањето на платите над нивото, што претставува одраз на рамнотежата на пазарот на трудот, влијае врз намалување на бројот на вработените.
– Тоа е начин на кој работодавците настојуваат да ја задржат планираната височина на нивната добивка. Засега тоа не е случај во Македонија, се разбира, затоа што разликата меѓу претходната 10.800 и сегашната 12.000 денари минимална плата се исплаќаше од сметката на државниот буџет. Но тоа лесно може да се случи кога таа разлика ќе почне да се исплатува од сметката на добивката на работодавците – вели Неновски.
Субвенционирањето на минималната плата не е и не смее да биде долготрајна позиција во државниот буџет и во функционирањето на економијата, затоа што во таков случај, како што додава тој, тоа демотивирачки би дејствувало врз работниот елан на работниците и на работодавците.
– Според тоа, со примена на соодветни фискални мерки (даночни ослободувања, намалени придонеси) во иднина треба да се поттикнува зголемување на производството во претпријатијата, проследено со зголемена продуктивност на вработените во фирмите и сето тоа, дополнето и со други мерки, да придонесе за зголемување на платите на продуктивна основа – истакна Неновски.