Европската интеграција е позитивен момент за економијата и да го динамизира порастот, но не треба да се очекува дека тоа ќе се случи само по себе, туку мора да произлезе од вкупните реформи, инвестирањето во институционалната стабилност и владеењето на правото
Дали окончувањето на речиси тридеценискиот спор со Грција, како и зачекорувањето кон ЕУ и НАТО, ќе ја придвижи македонската економија, дали ЕУ и НАТО може да донесат економски подем и поголема конкурентност на македонските компании или, пак, Македонија мора сама да продолжи со структурни реформи, сѐ додека не се најде на патот кон одржливиот развој, со конкурентно стопанство, компатибилно со стопанството на ЕУ, е прашањето што многумина го поставуваат по промената на државното име.
Економските експерти велат дека за да се оствари висок пораст, потребно е да се применат радикални промени во монетарната и во фискалната стратегија. Приоритетите мора да бидат насочени кон зголемување и поддршка на производството, извозот, инвестициите, пристап до финансирање на компаниите, продуктивноса на работната сила преку континуирано унапредување на образовниот процес, како и зајакнување на конкурентноста на македонската економија, намалување на сивата економија.
– Европската интеграција е, секако, позитивен момент за економијата и може значително да го динамизира порастот. Секако, не треба да очекуваме дека тоа ќе се случи само по себе, туку мора да произлезе од вкупните реформи, инвестирањето во институционалната стабилност и владеењето на правото. Тоа ќе зависи од нас и од нашата способност да ги спроведуваме реформите брзо и ефикасно – смета универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Според бизнисменот Мендерес Кучи, констатациите дека земјата оди кон една политичка стабилност, која подразбира и добра основа за стопанството, не значат дека по автоматизам ќе има и забрзан пораст.
– А тоа е така, бидејќи во сферата на економијата има големи заостанувања и тоа не може да се надомести прекуноќ. За да се случи забрзувањето во среден рок, Владата треба да им се посвети малку посериозно на капиталните инвестиции, што директно ќе влијае врз тој очекуван пораст, но посебна посветеност треба околу домашните и странските инвестиции, како и извозот, без кој не може да се замисли заздравувањето на стопанството во среден и долг рок – објаснува Кучи.
Тој нагласува дека прашањето што треба итно да се реши е владеењето на правото и консолидација на судството, кое важи за бавно, селективно и сѐ уште заробено од политиката, а тоа има негативно влијание врз надворешните инвеститори, без кои не можат да се освојуваат нови пазари, ниту, пак, да се задржат домашните пазари, поради што Македонија би била само пасивен увозник
– Делот на образованието е стратегиско прашање на кое треба веднаш да се интервенира и да се следат потребите на пазарот на трудот и, наместо да станеме земја што извезува кадри, да станеме земја што нуди можности и извезува производи и услуги – нагласува Кучи.
Како што вели тој, гранките што би биле двигател и кои најмногу би можеле да имаат влијание во забрзаниот пораст се градежништвото и туризмот, затоа што со политичката несигурност, Македонија има дадено негативни сигнали на безбедносното поле.
Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, објаснува дека зголемувањето на конкурентноста на македонските компании и квалификуваниот кадар несомнено се главните предизвици и приоритети на економската политика, при што порастот на конкурентноста на приватниот сектор треба да се бара во рамките на друг развоен модел на македонската економија.
– Бизнисот е една од најчувствителните категории. За него две работи се клучни како темелни претпоставки. Тоа се безбедноста на државата и на регионот и предвидливоста, за да може бизнисменот да ја предвиди ситуацијата врз основа на проекциите што ќе ги направи државата и другите информации што ќе ги има, и наедно тој тука ја добива или ја губи предноста во трговијата или во своето работење – смета Азески.
Како што вели тој, овој регион е многу проблематичен и не можеме да претпоставиме дека со затворањето на прашањето за ЕУ и НАТО во целиот регион таа несигурност ќе исчезне, затоа што тоа е подрачје што постојано било тензично од многу причини.
– Ние, како бизнисмени, сме станале отпорни на тие работи и сме се труделе да ги надминеме, така што ние добиваме една многу значајна претпоставка ако целиот регион, вклучувајќи нѐ и нас, пристапи кон една таква сериозна организација, а, од друга страна, сметам дека со зачекорувањето кон Европската Унија ние ќе ја добиеме и предвидливоста, која е многу значајна за влечење на потезите. Тоа што, исто така, мора да се истакне е дека ниту НАТО ниту ЕУ, по завршувањето на формалностите околу приемот, нема да ја подобрат економската состојба. Ќе ја подобриме самите ние ако ги засукаме ракавите, ако ги надминеме слабостите – споменува Азески.
Во најновиот извештај на Ерсте банка се вели дека со завршувањето на тридеценискиот спор за името, нашата земја може да очекува период на забрзан пораст на среден рок, поттикнат од крајот на политичката неизвесност, потрошувачката и од обновената инвестициска активност.
Банката очекува пораст на БДП од 2,9 отсто оваа година, а потоа да се забрза до 3,3 отсто во 2020 година, со враќањето на инвестициите како клучна разлика во споредба со досегашните трендови.
Во извештајот се анализираат причините за забавениот пораст во 2018 година и оптимизам во поглед на тековниот период.
– Јавните инвестиции во 2018 година, во голем дел, беа одложени поради политичките неизвесности, така што може да очекуваме капиталните инвестиции да бележат зголемување оваа година – се истакнува во извештајот.
Ерсте банка смета дека стапката на невработеност оваа година ќе падне под 20 отсто, а вработеноста ќе достигне 53 отсто, што се должи на поддршката преку владини субвенции за работодавците во приватниот сектор.