Искуствата на компаниите што го имаат воведено системот за следење на производот од фарма до трпеза се дека тој им гарантира производство на безбедна храна, што е важно за конкурентноста
Само 20 компании што произведуваат храна во земјава го применуваат стандардот ИСО 22000, кој се однесува на управување со безбедноста на храната и подразбира следење на производот од фарма до трпеза. Овој стандард е особено важен за компаниите што се извознички поради конкуренцијата, но и за оние на кои им е важна довербата на потрошувачите.
– Компаниите што произведуваат храна не се обврзани, но е добро да го поседуваат и овој сертификат. Процесот за негово добивање трае шест месеци и не е скап, со оглед на поволностите што ги носи – вели Емилија Тодоровска од Стопанската комора на Македонија.
Таа додава дека стандардот ја има предноста во однос на многу други стандарди, бидејќи ја покрива целата организација и придонесува да се осигури безбедноста на храната низ целиот синџир на исхрана од фарма до маса.
– Ова станува од суштинско значење, бидејќи опасностите се појавуваат во која било фаза од синџирот на исхрана. Овој стандард ги поддржува целите на ОН за одржлив развој преку намалување на болестите поврзани со храна и поддршка на подобро здравје на луѓето, бидејќи 2,2 милиони луѓе годишно страдаат поради неисправна храна и вода – смета Тодоровска.
Искуствата на компаниите што го имаат воведено системот се дека им гарантира производство на безбедна храна, што е важно за конкурентноста.
– Воведувањето на системот ни гарантира безбеден и висококвалитетен производ. Бенефиција е и тоа што имаме оптимализација на работата, поефикасна контрола на производството на храна, подобра конкуренција и, што е мошне важно, имаме сигурни доставувачи на суровините, кои исто така треба да го имаат сертификатот – нагласува Жаклина Георгиевска од компанијата за производство на масло за јадење „Брилијант“ од Штип, која работи во составот на „Витаминка“.
Олга Ристевска од „Витаминка“, пак, најави дека компанијата „Витаминка“ планира да воведе последна верзија на сертификатот во сите три дела на производството, што подразбира и обнова на сертификатот и во „Брилијант“.
Целта на ИСО 22000 е да се усогласат на глобално ниво барањата за управување со безбедноста на храната за компаниите во синџирот на исхрана. Особено е наменета за примена од организации што бараат пофокусиран, кохерентен и интегриран систем за управување со безбедноста на храната отколку што вообичаено се бара со закон. Се бара компанијата да ги исполни сите законски и регулаторни барања поврзани со безбедноста на храната преку својот систем за управување со безбедноста на храната. Е.Р.