Климатската криза е поопасна за групата Г7 во однос на пандемијата
Доколку не реагираат брзо и соодветно, економиите на најбогатите држави ќе бидат двојно намалени во споредба со кризата која ја претрпија поради коронавирусот, пренесува „Гардијан“ повикувајќи се на најново истражување на „Оксфам“ и швајцарскиот институт „Ре“.
Во истражувањето се наведува дека седумте индустриски најразвиени земји (Г7) ќе губат 8,5 отсто од БДП годишно во наредните 30 години, со што нивните економии ќе губат пет трилиони долари годишно, доколку температурите продолжат да растат за 2,6 степени Целзиусови. Економиите на овие земји претрпеа просечен пад од 4,2 отсто за време на ковид-пандемијата.
Лидерите од групата Г7 која ја сочинуваат САД, Велика Британија, Јапонија, Канада, Франција, Германија и Италија, в петок ќе се состанат во Корнвол, Англија, за да разговараат за глобалната економија, вакцините против ковид-19 и за климатската криза.
– Климатските промени се долгоречен ризик број еден за глобалната економија, така што не претставува опција да останеме таму каде што сме. Потребен е поголем напредок за Г7, што значи дека сме обврзани да ги намалиме емисиите на штетни гасови од фосилните горива, но и да помогнеме на другите земји да го сторат истото – објаснува Џером Хегели, главен економист на групацијата „Свис Ре“.
Тој додаде дека вакцините против ковид-19 се исто така клучен начин да се помогне на земјите во развој, чии економии се тешко погодени од пандемијата, со што тие ќе бидат изведени на „зелениот пат“ наместо да продолжат да ги користат фосилните горива.