Какви се процените на економските експерти
за раст на цените на продуктите во малопродажба
За економијата не е добро да имаме ниту нула инфлација, или, пак, дефлација, која е дури и поштетна од инфлацијата. Во случај кога зборуваме за инфлација од еден или од два проценти не треба да стравуваме од големи поскапувања и, воопшто, добро е да имаме движење. Сепак, ако инфлацијата надминува три, четири или пет проценти, тогаш носи поголеми опасности, вели поранешниот гувернер Петар Гошев
Најавите за воведување нови даноци, но и очекувањата за раст на цените на енергентите дополнително ја зголемуваат загриженоста за раст на цените на продуктите во малопродажба, поточно за откочување на инфлацијата. Сепак, и покрај можните поскапувања на одредени продукти, упатените истакнуваат дека инфлација што не надминува два проценти не треба да се смета за опасност, но наедно додаваат дека најпогодени од неа ќе бидат примателите на фиксни плати.
– Инфлација до два проценти не е страшна воопшто. Дури и Европската централна банка ја проектираше инфлацијата до два отсто за годинава. Ова на некој начин е дури и полезна инфлација. За економијата не е добро да имаме ниту нула инфлација, или, пак, дефлација, која е дури и поштетна од инфлацијата. Во случај кога зборуваме за инфлација од еден или од два проценти не треба да стравуваме од големи поскапувања и, воопшто, добро е да имаме движење. Сепак, ако инфлацијата надминува три, четири или пет проценти, тогаш носи поголеми опасности – вели поранешниот гувернер Петар Гошев.
Гошев потсетува дека во Македонија по распадот на Југославија се случувале многу поголеми инфлациски движења, кога на месечно ниво имало раст на инфлацијата од десетина проценти.
– Сме надминале и многу потешки инфлации, особено по распадот на Југославија, кога се случи дури и хиперинфлација, многу високи стапки на инфлација. Но ова што сега се проектира не би требало да биде страшно, напротив дури и централните банки гледаат да ја раздвижат економијата ако инфлацијата им се движи околу нула проценти – дополнува Гошев.
Поранешниот гувернер укажува дека како резултат на инфлацијата најчесто најпогодени се граѓаните што имаат фиксни плати, поточно лица што зависат од месечните примања, како што се работничките плати, платите на администрацијата и пензионерите.
– Кога граѓаните имаат фиксни примања, немаат како да ги зголемат истите тие, па растот на цените на продуктите го чувствуваат најмногу, бидејќи им се намалува куповната моќ. Сепак, ова не е инфлација што би требало да загрижува, не станува збор за висока инфлација, но бидејќи сме земја што е увозник на енергенти и на храна, и поради растот на нафтата и на цените на храната, разбирливо е дека ќе имаме раст на инфлацијата. Потенцирам дека до два отсто инфлација не е страшно, но ако почне да надминува, тогаш ќе мора да се преземаат разни мерки за нејзино контролирање – вели Гошев.
Следниот месец во Собранието на разгледување пред пратениците ќе се најде и ребалансот на буџетот за 2021 година. Во него стапката на инфлација во 2021 година е предвидено да изнесува 2,1 отсто, која е коригирана во однос на првичната проекција од 1,5 процент. Нагорна корекција на инфлацијата, според надлежните, е резултат на проектираниот раст на цените на примарните производи на светските берзи, како што се нафтата, пченицата и пченката, и нагорно придвижување на странската ефективна инфлација.
Универзитетскиот професор Томе Неновски објаснува дека растот на цените на одредени производи во Македонија е условен од зголемените цени на увозните производи и вкалкулирањето во финалната цена на производите, но и поради растот на цената на електричната енергија минатата година, која е еден од главните трошоци во производството.
– Имајќи предвид дека личните примања, особено на најсиромашните слоеви на населението, не го следат зголемувањето на цените на некои од поважните производи, кои секојдневно ги трошат за своја егзистенција, предизвикуваат непријатности кај поголем дел од таа категорија на населението. За среќа, доаѓа периодот на сезонско намалување на цените на земјоделските производи и попуштање на здравствената криза, што ќе услови стабилизирање на цените – објаснува Неновски.
Сепак, професорот посочува дека опасности од понатамошна инфлација не се смеат да се занемарат, особено ако дојде до ново зголемување на цената на електричната енергија.
– Доколку дојде до поголеми движења кај цените, ќе биде потребна енергична интервенција на Народната банка со употреба на расположливите инструменти во насока на одредено заострување на монетарната политика и остварување на нејзината главна цел – одржување стабилност на цените. Верувам дека така ќе се случи и дека до крајот на годината збирната инфлација во земјата нема да ја надмине проектираната стапка на пораст од околу два отсто – потенцира Неновски.