Во Основниот суд во Битола е поведена стечајна постапка за грчката текстилна компанија „Саитис“, која произведуваше уникатна модна конфекција. Таа е една од последните грчки текстилни компании што ставија клуч на фабричките капии. Во изминатиот период, најголемиот број грчки компании во Битола ги затворија фабриките и го прекинаа производството
Само до пред извесно време беше вистински бренд и за многумина една од најуспешните грчки инвестиции во Битола, која вработуваше неколку стотини текстилни работнички. Но шпекулациите во битолската јавност дека како и многу други грчки компании пред тоа, и „Саитис“ ќе стави клуч на фабриката, се обистинија. Во Основниот суд во Битола е поведена стечајна постапка за компанијата, а деновиве во „Саитис“ сѐ е заклучено. Го нема ни обезбедувањето што се грижеше за имотот на фабриката, па стечајниот управник Владимир Талевски, преку јавен оглас, бара фирма што ќе се грижи за обезбедување на имотот на фабриката.
Засега не се познати причините поради кои е поведена стечајна постапка, но во битолската јавност се шпекулира дека од пред извесно време, откако фабриката западна во тешкотии, сопствениците на фабриката едноставно без да му кажат некому и без да се поздрават, се спакувале и ја напуштиле фирмата. Во Основниот суд во Битола потврдија дека е поведена стечајна постапка, но до завршувањето на првото рочиште и додека не се видат побарувањата на доверителите, не можат да излегуваат во јавноста за причините за стечајната постапка.
„Саитис“ е една од последните грчки текстилни компании што ставија клуч на фабричките капии. Во изминатиот период, а особено по појавувањето на светската економска криза, најголемиот број грчки компании во Битола ги затворија фабриките и го прекинаа производството. Во Битола остана да работи уште само една грчка фирма, која исто така размислува дали да стави клуч на производствените хали.
Покрај последиците од економската криза, втора причина за затворањето на грчките текстилни компании во Битола е тоа што тие не можат да ја издржат конкуренцијата со германскиот гигант „Кромберг и Шуберт“, која по порастот на платите на вработените, го зголеми и бројот на вработени над 6.500 работници. Најголемиот број битолчани сега работат таму, поради што текстилните фабрики во Битола останаа без работници.
И покрај постојаните конкурси за вработување работници, многу мал број битолчани се одлучуваат да работат во грчките компании, кои во минатиот период даваа минимални плати од само неколку илјади. Кога станува збор за плаќањето на работниците, грчките компании не можеа да ја исплаќаат ни минималната плата, а камоли да исплаќаат плати како германскиот гигант, кои изнесуваат над 20.000 денари.