Домашните експерти и јавноста, сепак, сѐ уште имаат сомнежи дека земјата е институционално организирана и соодветно поставена за да може да се спречат обиди за манипулирање на финансиските институции
Ако многу посилни држави со развиени механизми за контрола не спречуваат перење пари, би можела ЛИ Македонија?
По големиот скандал што излезе во јавност деновиве, во кој беше укажано дека се откриени, во најмала рака, „сомнителни плаќања“ што се одвивале преку големи банки, како што се Дојче банк, ХСБЦ, Џеј Пи Морган Чејз и Барклис, расте сомнежот во институциите и во обидите за спречување на перењето пари. Ваквите информации покажуваат дека ниту големите банкарски институции, ниту, пак, развиените држави не се отпорни на измами.
Која институција што и колку работи за да спречи перење пари
Токму поради овие причини се отвори дилемата за тоа ако големите и многу посилни држави, кои имаат развиено силни механизми за контрола и спречување на појавата на перење пари, не можат со тоа да излезат ефикасно и брзо накрај, како тогаш би се справила Македонија со ваквите софистицирани криминални операции, кои поминуваат непречено долго време во западните земји?
Домашната регулатива за уредување на оваа сфера последен пат е моделирана во 2018 година, со носењето на Законот за спречување на перењето пари и финансирањето тероризам, кој е во согласност со ЕУ-директивите за оваа област.
Надлежноста за спроведување на одредбите од овој закон и за спречување на обидите за перење пари со измените на законот ги добива Управата за финансиско разузнавање, која е всушност преименувана од некогашната Дирекција за спречување на перењето пари, па Управа за спречување на перењето пари и финансирањето тероризам, за на крајот да го добие денешниот назив. Ова тело работи во рамките на Министерството за финансии и поднесува извештаи за своето работење до Собранието. Од последниот нивни извештај може да се забележи дека тие во своето работење ја следат работата на финансиските институции во земјава и добиваат извештаи од нив, а притоа и самите преземаат активности во насока на спречување на перењето пари.
– Управата во текот на 2019 година до надлежните институции има доставено вкупно 54 извештаи, од кои 45 извештаи со сомнение за перење пари и девет извештаи со сомнение за финансирање тероризам, 172 известувања со сомневања за сторено друго кривично дело, додека 22 предмета се ставени во мирување (ад акта) откако по извршените проверки не се утврдени сомневања за сторено кривично дело – стои во објавата на оваа институција на нивната веб-страница.
Од неа може да се забележи дека од 2017 година има раст на вкупниот број извештаи за коруптивни активности. Притоа, исто така е посочено дека за 2019 година вкупниот износ на наплатени глоби за сторени прекршоци од страна на Управата изнесува 121.000 евра, при што биле казнети две банки, две сметководствени фирми и еден нотар, без притоа да бидат наведени институциите со називот на фирмата.
Можеби ние немаме капацитет, но имаат ли капацитет западњаците?
И покрај ваквиот извештај, во кој меѓу другото се истакнува и соработката со други држави во насока на спречување на обидите за перење пари, сепак, домашните експерти и јавноста се сомневаат дека земјата е институционално организирана и соодветно поставена за да може да се спречат обиди за манипулирање на финансиските институции.
– Овие појави во областа на финансиите, почнувајќи од светската криза во 2008 година, не се појавија бидејќи недостигаат закони и знаење туку поради слабостите на човекот. Тоа што ние имаме законска регулатива за заштита и борба против појавата на перење пари, сѐ уште не значи ништо, бидејќи ние немаме капацитет да ги применуваме законите или да ја спроведуваме борбата. Кога велам немаме капацитет, мислам на тие што треба да ги применуваат законите. Очигледно е дека граѓаните немаат доверба во нив, почнувајќи од државата, односно од државната администрација, па до судовите и другите институции. Ова се околностите што се суштински и кои оневозможуваат вистинска борба против перењето пари. Законите се какви што се, најчесто препишани од светски развиените земји, во консултации со светски институции, но гледаме дека и кај нив се случува истото тоа. Ништо нема да се промени ако Владата нема одлучна волја за борба со оваа нелегална активност и ако не ги преземе сите неопходни мерки за нејзино сузбивање – истакнува некогашниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Тој исто така укажа дека сите сме сведоци дека последниве години имаме многу докази за разни коруптивни активности, но освен координирање меѓу институции, не се презема конкретно ништо друго.
– Сведоци сме на префрлање на одговорностите од една во друга институција, на менување на имињата на институциите, но речиси никогаш нема во јавност презентација на сработеното. Имаме коруптивни појави проширени низ целиот систем, низ сите форми на контрола и на институции што треба да се борат со корупцијата. Наместо да се борат со корупцијата, напротив, кај нас баш во овие институции има голема корупција. Од друга страна, и развиените земји не се отпорни на вакви измами. Тоа особено го покажа кризата во 2008 година, која почна кај развиените земји, како САД и Германија, и укажа дека финансиските институции се под голема опасност од коруптивни активности, поради што и се случи таа криза. Кога тамошните институции не можеле да ги увидат и да ги спречат ваквите активности, тешко дека тоа ќе го постигнат нашите – заклучува Хајредини.