Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа го посетија Кавадарци за да одржат средба со лозарите, во однос на откупните цени на виното, во услови на намалена побарувачка поради корона-кризата.
– Година состојбата со лозарството е тешка, затоа што затворени се угостителските објекти подолг период и дома, но и во земјите кои ни се традиционални партнери и тоа предизвика да имаме 55 милиони литри вино во визбите, за разлика од лани овој период кога имаше 30-35 милиони литри. Тоа предизвикува загрижувачка состојба за сите нас. Годинава имаме и болест, околу 20-30 отсто од лозовите насади се зафатени со болеста „бутритис“ – посочи премиерот пред средбата и додаде дека дојден е во Кавадарци за да се изнајде фер решение, за лозарите, за визбите и за државата.
Заев потсети дека веќе имало разговари со македонските визби, кадешто биле утврдени одредени цени, но рече и дека периодов се појавуваат различни аспекти на поставувањето на цените.
– Сакам да знаат граѓаните дека годинава тоа што го договоривме со визбите на работниот состанок беше да ја постигнеме ланската цена, каде што логично е дека државата треба да направи дополнителна интервенција заради тоа што откупните цени ќе бидат пониски – објасни премиерот.
Додаде дека проблемот се јавува доминантно кај Вранецот и Смедеревката.
– Договоривме откупна цена на Вранецот од 11 денари, додека за Смедеревката од 9 денари, каде државата ќе интервенира со 2+2 денари, вкупно со 4 денари за да ги постигнеме конечните цени во приход за лозарите од 15 денари за Вранец и 13 денари за Смедеревка. Дополнително утврдивме и смогнавме сили да најдеме 2 денари за високосортните грозја, како што е Ризлингот и другите сорти, кадешто покриваме количина од 10 милиони литри, односно 10 милиони килограми, што е издаток од дополнителни 20 милиони денари. Целата оваа дополнителна интервенција на 80 милиони килограми (за Вранец и Смедеревка) и 10 милиони килограми за високо сортното грозје дополнително ќе ја чини државата околу 340 милиони денари или 5,5 милиони евра – кажа Заев и вети дека ќе има плодна и одговорна дебата со лозарите и претставниците на здруженијата на лозарите, на којашто ќе се најдат решенија.