Според него, со третиот сет економски мерки треба да се помогне секому кому му е потребна помош, да се овозможи заживување на македонската економија преку директна поддршка на граѓаните и на стопанството. Да се стимулира динамичен раст и градење на нова развојна македонска економија базирана на иновативни решенија.
– Оваа здравствена криза не стави на тест, нас и целиот свет, ја тестираше нашата одговорност, солидарност, способност за брз одговор и адаптирање кон новонастанатата ситуација. Горд сум дека нашата држава се исправи пред предизвикот и стоично одговара на истиот.На ист начин се справуваме и со економско – финансиските последици кои оваа криза ги донесе со себе. Да ја претвориме оваа криза во нова можност – за структурни, системски промени и раст. За модернизирање на македонската економија и зголемување на нашата конкурентност во регионот, а и пошироко.
Новиот трет сет економски мерки ќе опфаќа 730.000 корисници во вредност од 355 милиони евра. Заедно со првите два пакета мерки, станува збор за вкупен влог од 550 милиони евра или 5,5 отсто од БДП.Се работи за директна финансиска поддршка на граѓаните за зголемување на потрошувачката, директна поддршка на стопанството, земјоделството и туризмот, но и награда за најизложените здравствени работници во знак на благодарност за нивната работа.
Реализацијата на овој пакет мерки ќе придонесе за поттикнување на приватната потрошувачка; зголемена конкурентност на нашите компании на домашно и регионално ниво; трансформација на дел од економијата со воведување на ИТ и друга технологија во нивното работење; формализација на дел од неформалната економија; и зголемена употреба на безготовински плаќања како инструмент за сузбивање на сивата економија.Преку издавање на Платежни картички на граѓаните, ќе се поттикне поголема потрошувачка а со тоа и развој на домашните економски дејности.Со воведување на домашни платежни картички вредни 9.000 денари за околу 100 илјади граѓани ја стимулираме потрошувачката на домашни производи и услуги со директна парична поддршка од државата, преку потрошувачката на граѓаните.Сериозна поддршка даваме и за домашниот туризам преку ваучер вреден 6.000 денари за користење во домашните хотели и други сместувачки капацитети, а дополнително, граѓаните ќе добијат и платежна картичка од 3.000 денари за купување на домашни производи и услуги – истакна тој.
Обезбедена е и парична поддршка за млади дo 6.000 денари за покривање на партиципација во Универзитет или за сместување во студентски, ученички домови и регистрирани сместувачки капацитети за студенти и средношколци кои доаѓаат од семејства со ниски приходи. Мерката за млади вклучува и платежна картичка вредна 50 евра за домашни производи и услуги, како и ваучери до 30.000 денари за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини кои ќе им овозможат на младите брзо вработување во новата развојна економија.
– Во целиот овој период искажуваме благодарност кон здравствените работници, оние најизложените ќе добијат награда за нивната посветеност и пожртвуваност. Уште еднаш, би благодарам за сиот ваш труд.Сите останати граѓани можат да ја користат мерката Викенд без ДДВ односно да купат одредени производи по што платеното ДДВ ќе им биде вратено во целост.
Вториот столб од овој сет мерки нуди Директна поддршка на македонското стопанство за иновативност и развој како и за зачувување на постојните и креирање на нови работни места.
Обезбедени се нови кредитни линии за микро и мали компании и неповратни средства за компании водени или основани од жени, кои вработуваат млади лица, се извозно ориентирани или воведуваат иновација и дигитализација во нивното работење. Директно ги подржуваме компаниите за освојување на нови пазари, зголемување на нивната конкурентност како и модернизација на процесите.Ќе биде обезбедена поддршка за многу компании преку обезбедување на државна гаранција за комерцијални кредити како и обезбедување на царинскиот долг.Финансиска помош и услови за развој ќе добијат старт ап, извозните, текстилните, компаниите кои огранизираат настани, микро мали и средни претпријатија. Помош ќе добијат сите оние на кои им е потребна.
Да ја искористиме компаративната предност на нашата економија, да ги искористиме нашите потенцијали како сонцето, чистата вода, плодната почва и тоа да го споиме со новите технологии и новите знаења.Затоа, третиот столб нуди Поддршка за земјоделците, да создадеме нови приходи од плодната македонска земја.Во земјоделството, го подржуваме аграрниот сектор со 5 милиони евра преку Развојната банка. Субвенционирањето на потрошувачката на зелена нафта ја зголемивме на 50 отсто. Стимулираме производство на нови продукти, го модернизираме производствениот и преработувачкиот капацитет на земјоделски гранки кои се повеќе и повеќе извозуваат со цел зголемување на конкурентноста и профитабилноста.
Ќе овозможиме укрупнување на земјоделското земјиште и долгорошен закуп на пасишта. Уште сега преземавме активности за следната берба и пласман на винското грозје преку гарантиран откуп на вишокот винско грозје и правење на алкохолен дестилат преку домашните капацитети.
Убедени сме дека преку реализација на овој пакет мерки ќе одржиме вистинска лекција за брза, ефикасна и пред се суштинска трансформација на нашата економија.Покажавме дека од економија во минус каква што не дочека пред 3 години, можеме да изградиме економија во развој, покажавме дека можеме да се избориме со досега невидена здравствена криза. Ќе покажеме и тоа многу брзо дека можеме да се справиме и со економските последици, дека ќе ја вратиме економијата на сигурен и стабилен пат.Остануваме посветени на помош и поддршка на нашите граѓани, на помош и поддршка на нашата економија. Заедно ќе се справиме со овие предизвици, заедно ќе изградиме нова развојна македонска економија – додаде Заев.