Премиерот на Република Македонија Зоран Заев, придружуван од министерот за здравство Венко Филипче, денеска присуствуваше на настан на којшто се одбележуваше Денот на рударите и јубилејот 40 години постоење на рудникот „Бучим“ и 15 години „Бучим“ како дел од меѓународната компанија „Солвеј“.
-Денеска на овој убав христијански празник Успение на Пресвета Богородица оддаваме почит на трудот и макотрпната работа на нашите работници во рударскиот сектор. Рударството е еден од темелите на нашата економија и заедно со придружните дејности што го опслужуваат овој сектор вработува околу 10.000 луѓе и учествува со 8,9 отсто во вкупното индустриско производство – рече Заев.
Тој додаде дека владата е силно посветена на унапредување на условите за работа во рударскиот сектор.
-После долги години претрпени неправди од страна на рударите, излеговме во пресрет на нивните барања и ја намаливме старосната граница за пензионирање. Ако досега рударите се пензионираа со навршени 58 години, по ново се пензионираат на околу 50 години. Како резултат на оваа мерка до сега заминаа во пензија 51 рудар. Тоа секако значи отворање на нови работни места за младите рудари. Тоа е фер бидејќи станува збор за една од најризичните професии по здравјето и животот на луѓето – истакна премиерот.
Во Македонија има повеќе од сто активни рудници за експлоатација на неметалични и металични минерални суровини.