Премиерот Зоран Заев денеска во Виена ги повика австриските бизнисмени да ја унапредат економската соработка со Македонија, која, како што оцени, развива добра економска клима, очекува отворање на евроаталантските интеграции и стана атрактивна држава за инвестици.
Заев, кој ја почна официјалната посета на Австрија со состанок во Австриската Федерална Стопанска Комора, посочи дека договорот со Грција го затвора билатералното прашање што стои на патот на интеграциите на Македонија и оти земјата прави сериозни реформски чекори согласно европските стандарди што гарантира предвидливост и стабилност на бизнис климата во нашата држава, соопшти прес-службата на македонската Влада.
– Ја надминавме политичката криза, ја стабилизиравме државата градејќи едно општество за сите, правиме суштински реформи за владеењето на правото и воспоставување правна држава, затоа и добивме чиста препорака од ЕУ. Сега со право за нашите напори и резултати очекуваме и датум за почеток на преговорите со ЕУ. Очекуваме и покана за НАТО. Ова за нас значи стабилност, безбедност, нови инвестиции, нови работни места, економски развој – порачал премиерот Заев, кој е придружуван од вицепремиерите за економски и европски прашања Кочо Анѓушев, Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Според соопштението, Заев изразил надеж дека ќе се зголеми бројот на австриски инвеститори во Македонија, а таков повратен охрабрувачки одговор добил и од претставниците на австриската Стопанска комора.
– Австриските бизнисмени констатираа дека се отвораат можности за развој на економската соработка, по позитивните промени во Македонија.
Австриските бизнисмени го поддржаа и повикот на премиерот Заев и на вицепремиерот за економски прашања, Анѓушев, да помогнат со австриските искуства околу едукацијата со цел создавање квалификувани и конкурентни работници, се наведува во соопштението.
Пред австриските бизнисмени е претставен владиниот економски развоен план, со кој, како што објаснил вицепремиерот Анѓушев, Владата обрнува внимание со што покажува разбирање за стопанствениците, а со тоа и за условите во кои работат работниците.
– Прво, важно е владеењето на правото и на тоа работиме, инвеститорите да се чувствуваат безбедни, второ, градиме стабилна држава низ реформите и евро-атлантските перспективи што ги отвораме и трето, економските мерки што се темелат на транспарентен и охрабрувачки пристап кон секој инвеститор. Секој да се чувствува поддржан – порачал Анѓушев, кој ги објаснил поволностите за инвестирање во слободните економски зони и финансиската поддршка од државата за компаниите.
На состанокот заеднички е констатирано дека има услови за продолжување на трендот на зголемување на трговската размена меѓу Македонија и Австрија.
Според најавата, по средбата во Стопанската комора на Австрија, премиерот Заев има тет-а-тет средба со австрискиот канцелар Себастијан Курц, по што ќе следува работен ручек на владини делегации на двете држави и заедничка прес конференција на премиерот Заев и канцеларот Курц.