Премиерот Зоран Заев денеска во Виена имаше свое воведно обраќање на отворањето на Виенскиот економски форум, Виенски економски разговори – нови перспективи за Република Северна Македонија. Покрај Премиерот Заев, воведни обраќања имаа и Томас Арнлоднер, извршен директор на А1 Телеком Австрија Групација и член на одборот на Виенскиот економски форум, како и Јоханес Хан, еврокомесарот за проширување и добрососедска политика.
Заблагодарувајќи им се на сите инволвирани што годинешниот Виенскиот економски форум се одржува за разгледување на инвестициските можности исклучиво во Северна Македонија, Заев истакна дека Австрија е силен сојузник на Северна Македонија во евроатлантската интеграција.
Заев истакна дека во изминатите 10 години Австрија беше најголем инвеститор во Северна Македонија со 392,2 милиони ЕУР што изнесува 13,2 отсто од вкупните странски директни инвестиции во државата. Тој во воведното обраќање зборуваше за успешно спроведенетите претседателски избори, како и за Договорот од Преспа, којшто е решение на огромен проблем, а којшто резултираше со продлабочување на соработката помеѓу Република Северна Македонија и Грција.
Говорејќи за реформите коишто се во тек, Заев се осврна на судските реформи, реформите во безбедносниот систем и јавната администрација, како и борбата против корупцијата, коишто остануваат врвен приоритет во работењето на Владата.
-Во периодов од 22 месеци откако актуелната Влада дојде на власт, ние ја вративме демократијата и функционалните демократски институции од она што до неодамна беше заробена држава“, рече Премиерот Заев и додаде дека „тие приоритети се идентични со нашата пристапна агенда за ЕУ“. Република Северна Македонија нема друга алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО – повеќе од 75 отсо од населението ги поддржува таквите аспирации- потенцираше Заев.
Понатаму, тој посочи дека 2019-та година дека ќе биде година на економијата, како продолжение на економскиот напредок од минатата година.
-Во 2019 година, имаме натамошен раст на индустриско производство од 8,8% во производство, што главно се должи на производството на машини, возила, пијалаци и основни метали. Успеавме да ја намалиме невработеноста под 20 отсто откако сме во Владата. Економскиот раст во 2018 беше 2,7 отсто, по раст од 0,2 отсто во 2017 година. Извозот во првите 3 месеци од 2019 година се зголеми за 16,8 отсто- истакна Заев.
Пред бројните австриски компании и бизнисмени Заев го изрази своето очекување дека ова лето Северна Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите, бидејќи како што рече премиерот Заев земјата и покажа на цела Европа како преку дијалог и соработка се решаваат долгогодишни проблеми.
-Нашата земја има поизитивен импакт и на целиот регион. Сега Северна Македонија е единствената земја во регионот којашто нема отворени прашања со ниту еден сосед. А кога постои договор следат и економските резултати- истакна премиерот Заев.
Тој исто така додаде дека и натаму Република Северна Македонија ќе биде пример за целиот регион, дека земјата и натаму ќе биде сигурна и стабилна, земја којашто се грижи и на инвеститорите им нуди соодветни услови за развивање на својот бизнис.
Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан на отворањето на Виенскиот економски форум истакна дека политичката стабилност на Северна Македонија е најдобра во регионот, а уште еден доказ за тоа, како што подвлече Еврокомесарот Хан беа успешно спроведените претседателски избори. Во таа насока еврокомесарот Хан ги охрабри компаниите од Република Австрија да инвестираат во нашата земја, бидејќи како што рече тоа значи поголем профит за земјата и отворање на нови работни места. Адресирајќи го напредокот на Република Северна Македонија во сите сфери, Еврокомесарот Хан го изрази своето очекување земјата да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија и до крајот на оваа година да бидат отворени и првите поглавја.