Главни теми на кои се разговараше се регионалната поврзаност, зголемување на конкурентноста и капацитетите на нашите компании, зголемување на соработката на целиот регион, дигитализацијата, патната инфраструктура и енергетската инфраструктура, сето она што живот значи и во нашата земја, рече премиерот Заев, кој заедно со министерот за финансии, Драган Тевдовски, учествува на Генералното собрание на ЕБОР во рамките на годишните средби на Европската банка за обнова и развој, кое се одржува во Сараево.
-Европската банка за обнова и развој е инвеститор од 1,9 милијарди евра во нашата земја, која имплементира над 150 проекти што го дефинираат севкупниот развој на нашата земја, затоа е многу важно да ги искористиме сите можности што значат и пренесување знаење, позитивни искуства за реализација на одредени проекти, а истовремено да охрабриме и побрзи процедури во делот на ЕБРД, подобри пракси и на крајот позабрзан раст и развој на нашата земја- рече премиерот Заев.
Тој додаде дека ЕБОР претставува исклучително важен стратешки економски партнер на Република Северна Македонија со години во спроведување на реформите, во создавањето одржлива пазарна економија и во приближувањето на земјата кон ЕУ.
-Сето тоа што се случува во Република Северна Македонија по сите политички договори, дефинитивно ја става земјата во позиција да ги максимизира своите ефекти за да го забрза својот раст и развој, да ја намалиме невработеноста, да ги зголемиме платите на граѓаните, а ЕБРД може да одигра значајна улога. Нашиот фокус е да ги мотивираме да пласираат повеќе пари кај малите и средните претпријатија поради тоа што развојот на земјата го гледаме токму преку тоа. Верувам дека тоа ќе се случува во периодот што претстои пред нас, во реализацијата на големите капитални инвестиции, како што се патната инфраструктура, третата фаза од железничката пруга, продолжување на проектите, како што се гасификација, енергетска поврзаност, нови енергетски извори, и многу други проекти важни за граѓаните и за севкупниот раст и развој на економијата на Северна Македонија- нагласи премиерот Заев.
Министерот Тевдовски најави дека во јуни на бордот на директори на ЕБОР треба да се одобри новата стратегија за соработка со Република Северна Македонија 2019-2024 година. Во новата стратегија има повеќе проекти, кои треба да поддржат три приоритети.
-Првиот приоритет е поддршка на конкурентноста. Преку овие проекти треба: да се подобрат деловните вештини, да се подобри пристапот до работни места за млади, жени и население што живее во недоволно покриени подрачја, како и да се подобри конкурентноста на приватниот сектор. Вториот приоритет е јакнење на регионалната интеграција и поддршка на приближувањето кон ЕУ. Преку овие проекти треба да се подобри поврзувањето преку вложување во транспортна и енергетска инфраструктура, дигитализација и усогласување на деловните практики. Третиот приоритет е насочување кон зелената економија, односно одржлива енергија и поголема ефикасност при управување со ресурсите- истакна Тевдовски и додаде дека реализацијата на сите овие проекти ќе придонесе и за праведен и одржлив економски раст и ќе придонесат за подобар живот на граѓаните.