Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот без ресор, задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, синоќа се сретнаа со луѓе од дијаспората, кои живеат во Италија, Швајцарија, Германија, Белгија, Луксембург, Турција и САД.
Како што информираат од владината прес-служба, поздравувајќи ги иселениците Заев ги истакнал политиките на Владата, кои, како што рекол, покрај економскиот напредок се насочени кон остварување на клучните стратешки цели, членството на земјата во НАТО и Европската Унија.
– Создаваме безбедна, сигурна и економски просперитетна држава, која има пријателски односи со сите соседи и поволни услови за инвестиции. Минатата 2018 ја завршивме како година во која Северна Македонија, според Конференцијата на ОН за трговија и развој, е прогласена за земја со најголем раст на директни странски инвестиции со остварени 737 милиони долари, односно 624 милиони евра, странски инвестиции – нагласил премиерот на средбата.
Тој најавил и дополнителни одлуки за поддршка на инвестициите од македонските државјани, кои живеат или привремено престојуваат во странство.
– Првата порака е инвестирајте. Очекуваме да расте просперитетот на државата, продолжуваме со реформите во сите области, особено во правосудството, и ја зајакнуваме бескомпромисната борба со корупцијата – истакнал Заев.
Од Владата информираат дека претставниците од дијаспората на средбата особено се интересирале за подетални информации за одделни услови и можности за инвестирање, како и за административни прашања и олеснувања, поврзани со поддршката од Фондот за иновации и развој.
– Во изминатите две години Владата воспостави мост меѓу државните институции и дијаспората, кој всушност е комуникација, споделување и решавање на проблемите во рамки на системот – подвлекол министерот Адеми, истакнувајќи дека средбите меѓу претставниците на дијаспората од нашата земја и претставници од Владата од минатата година веќе се традиција.