Економијата се движи. И во 2020 година, кога во целиот свет има пандемија, ние имаме едни од најдобрите резултати на европскиот континент, рече премиерот Зоран Заев на седницата за пратенички прашања во парламентот одговарајќи за економската состојба во државата и за реализацијата на капиталните инвестиции во земјата.
– Платата расте за време на пандемијата. Во овие години наназад 60 проценти е зголемена минималната плата. 30 проценти е зголемена просечната плата, сега е 27 илјади денари. 300 проценти социјално се помогнати граѓаните. 99 проценти буџетот ги наплати приходите, што само по себе е доказ колку економијата живее во државата благодарение на мерките, на транспарентноста, на помошта што ја дадовме. Тоа е патот по кој треба да продолжи државата – порача премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, ги објасни активностите во делот на енергетиката и инфраструктурата. Тој посочи дека само во источниот Кумановско-кривопаланечки Регион, 180 милиони евра буџетски пари се инвестираат во патишта и железници, како и дека со 70 милиони евра се финансирани локални патишта во општините, откако беа оставени со 300 милиони евра долгови од претходната власт, кои се раздолжени и е продолжено да им се помага.
Во делот на енергетиката премиерот Заев рече дека првпат има заинтересирано 10 големи компании за хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“.
– По 30 години зборување за овој проект да успее, ќе успее ‘Чебрен’, затоа што ја имаме најголемата француска, двете најголеми австриски, најголемата грчка, најголемата шпанска, една турска, две кинески и други европски компании, вкупно 10, од кои 9 ја поминаа првата фаза. Проектот е вреден 800 милиони евра. Проектот е џиновски, го подигнува БДП, создава нова регионална батерија во делот на балансирањето на енергијата во целиот регион и огромно производство, над 300 мегавати на хидроенергија. Се работи за комплетно еколошки сработен проект – рече премиерот Заев.
Тој информира дека за ТЕЦ „Неготино“ во почетокот на март ќе биде објавен повик за јавно приватно партнерство или за продажба за да се стави во функција на природен гас и еколошка енергија.
– Зацртавме еден по еден да ги затвораме блоковите што работат на јаглен и ќе успееме, првин ‘Осломеј’, па првиот блок во РЕК ‘Битола’ – најави премиерот Заев.
Тој ја повика опозицијата да застане заеднички кога се работи за проектот за клиничкиот центар во Скопје за кој е обезбедена локацијата, донесен е урбанистичкиот план, се изведуваат инфраструктура, водовод, пристапен пат, гас, напојување, а има интерес од познати инвеститори.
– Да застанеме заедно зад стратешките интереси, овие блокади во парламентот, нашиот народ знае кој ги прави и колку тоа чини за економскиот стандард, апелирам да им служиме на граѓаните и државата – повика премиерот Заев во Собранието, каде што е во тек седница посветена на пратенички прашања.