Поскапување на струјата за домаќинствата нема да има до крајот на годинава, истакна денеска премиерот Зоран Заев, напоменувајќи дека државата ќе го намали ДДВ-то за струјата за производството да биде поевтино, што, пак, ќе биде своевидна гаранција дека нема да има поскапување.
Премиерот додаде дека ДДВ-то за струја ќе се намали од 18 на пет проценти од 1 јули за да се ублажи растот на цената на електричната енергија условена од целосната либерализација на пазарот. Предвидено е ДДВ-то да биде пет отсто од 1 јули годинава до 1 јули в година, а потоа 10 проценти до 1 јули 2023 година, за потоа од 1 јули 2023 година повторно да се врати на 18 отсто.
– Државата преку намалување на ДДВ-то овозможува ЕСМ да произведува и продава струја која е 50 отсто поевтина од берзанската. Всушност, со намалувањето од 18 на пет проценти, практично го субвенционираме зголемувањето што го бараат енергетските компании. Разликата од намалувањето од 18 на пет отсто останува на ЕСМ со конечна цел – да ги заштитме граѓаните зашто од кризата се погодени сите домаќинства – објасни Заев, потенцирајќи дека со намалувањето на ДДВ, Владата испратила јасна порака за поддршка на ЕСМ, во однос на цената на струјата, за да ги заштити граѓаните.