Државата е стабилна и финансиски ликвидна, треба да сметате на својата Влада на својата држава, тука сме да помогнеме, истакна премиерот Зоран Заев во воведното обраќање на настанот по повод Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија.
– Испраќам порака на соработка со Организацијата на работодавачи, со сите компании во нашата земја, низ дијалог да ги изнаоѓаме секој пат решенијата – рече Заев.
Тој имаше учество и на дебатата на тема „Македонската економија пред и по пандемијата“ и ги истакна придобивките од економските мерки кои Владата ги презеде за намалување на ефектите од пандемијата.
– Сакам да потенцирам дека растот и развојот на државата е возможен само преку приватна иницијатива и продолжувањето на инвестиционите активности, соодветно поставени на потребите кои ги носи модерното време. Трета деценија од 21 век е, Ковид-19 и сите новини коишто доаѓаат се предизвик за приватниот сектор, предизвик и за работниците, како и за државата. Во вакви околности сме поттикнати да соработуваме и јас верувам дека ќе бидеме мудри да соработуваме, затоа што колку повеќе бизнис секторот оди напред се случуваат нови инвестиции и се фаќа чекор со модерното ново време, толку повеќе ќе бидат задоволни и работниците. На тој начин се ствара основа и за постабилни плати, но и за повисоки плати. Од тој аспект државата може да биде само задоволна, кога се задоволни работниците и работодавачите. Ние сме ја исполниле нашата мисија да бидеме доволно добар административен апарат којшто ќе им служи на сите важни структури во општествово – рече Заев во своето обраќање.
Според неговите оценки, економиите како што рече, се менуваат и треба да фаќаме чекор со светот за да бидеме поконкурентни и поприсутни на странските пазари.
– Државата ви е партнер, стабилни плати и раст на работните мести како и намалување на невработеноста во државата е возможно преку приватниот сектор. Државата може да биде поттикнувач, поддржувач преку капиталните инвестиции, преку брзи механизми, преку отфрлање на административните бариери, но секаде како во демократскиот свет така и кај нас, ако растат компаниите, ако се конкурентни и продуктивни, бенефитот одма доаѓа и за работниците, а согласно со тоа и за државата. Втората важна работа е преструктурирањето коешто мора да го направиме. Гледате дека не само пандемијата, туку и самиот почеток на третата деценија од 21 век даде фокус на многу значајни елементи коишто треба да донесат мултиплицирачки позитивни ефекти во општеството. Доминантна е зелената агенда којашто треба да ја следиме сите, затоа што дефинитивно покажува профитабилност во инвестициите, покажува можност да се продаде тоа што се произведува на слободниот пазар, но истовремено и можност за отворање на работни места. Потоа следи енергетската ефикасност, односно заштеда на енергијата, а третиот дел е дигитализацијата – нагласи Заев.
Министерката Јагода Шахпаска во своето обраќање истакна дека како и до сега за да се постигне стабилност и развој на македонската економија, неопходно е да му се овозможи на бизнис секторот да учествува во подготовката на мерките и решенија за надминување на кризата.
– Социјалните партнери се сржта на економски стабилно, просперитетно општество и затоа за нас како Влада од клучна важност е стабилниот социјален дијалог помеѓу работодавачите и работниците. Заеднички ги креиравме шесте пакети финансиска помош, трудејќи се секој нареден да е подобар од претходниот. И бизнис заедницата и работниците учествуваа постојано со свои сугестии и коментари, и доказ за успешноста на помошта се над 80.000 зачувани работни места и над 4.000 компании кои беа финансиски поддржани – рече Шахпаска.