Задолжувањето за надминување на кризата предизвикана од коронавирусот е неминовно, велат упатените, но истакнуваат дека далеку поповолно за нашата земја би било задолжување кај меѓународни кредитори, како ММФ и Светската банка, отколку кај комерцијални банки
Ќе успее ли македонската влада, по поволни услови, да обезбеди доволно кредити од странски комерцијални банки откако кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот ги принуди повеќето земји на нови задолжувања? Тоа е едно од прашањата што се наметнуваат по сите донесени мерки со кои Владата, во обид да ги ублажи финансиските последици од кризата, им излегува во пресрет на компаниите и на граѓаните.
Иако одредени држави како САД и Германија можат сами да обезбедат финансиска поддршка за економијата, има многу земји на кои ќе им претставува проблем обезбедувањето свежи пари. Министерството за финансии најави дека се бараат кредити од странските комерцијални банки, но овој потег за упатените е проблематичен, бидејќи и тие располагаат со ограничени капацитети.
– Со развојот на кризата, приватното финансирање ќе станува сѐ поотежнато. Мора да имаме предвид дека финансиските пазари сега замрзнуваат, поради што властите ќе мора да се обратат за финансирање до концесионалните кредитори, како ММФ и Светската банка. Во спротивно, не само што трошокот за финансирањето на приватните пазари може да порасне туку може да се изгуби и значително време во преговарање – вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Неговиот колега Трајко Славески, исто така, истакнува дека сега не е паметно да се позајмуваат пари од комерцијални банки, туку дека многу подобри услови ќе се добијат од меѓународните финансиски институции како што се Европската инвестициска банка и Меѓународниот монетарен фонд.
– Сега да тропате на вратите на комерцијалните банки, кои исто така се во хаос, мислам дека не е паметно. Но од меѓународните финансиски институции како Европска инвестициска банка, која ја финансира изградбата на нашите патишта, и која во изминатите 10 години има обезбедено средства за повеќе сектори, но и од ММФ е друго. Директорката на меѓународниот фонд, Кристалина Георгиева, посочи дека имаат на располагање 50 милијарди американски долари за помош на земјите преку инструментот за брзо финансирање, за кој и Македонија може да се квалификува – посочува Славески.
Според него, Македонија од ММФ би можела да добие од 90 до 150 милиони долари, а додава дека од ММФ на располагање на земјите им стојат и кредити во износ од илјада милијарди долари.
– Америка не позајмува од ММФ бидејќи може да отпечати колку сака од нивната валута оти сите купуваат долари кога има криза. Но ние како мала неразвиена економија тој луксуз го немаме, па средства можеме да обезбедиме од надвор, како на пример преку еврообврзница, но сега за неа не постојат услови. Сега е потребен итен ребаланс, кој може да се направи без Собранието, и треба да се скратат сите расходи што се неесенцијални. Да се обезбедат средства за здравство, за заштита на животите на граѓаните, за заштита на медицинските лица, зголемување на капацитетите… Тоа е основен приоритет, но мора да се мисли и на сите работници, кои остануваат без работа барем за наредните неколку месеци – истакнува Славевски и додава дека треба што побрзо да се испрати допис до ММФ, со кој земјава ќе го побара максимумот од средствата што ѝ следуваат.
Според него, иако станува збор за глобален проблем, средства од разни меѓународни кредитори ќе може да се обезбедат, а истите тие треба да се наменат за спасување на работните места, односно за обезбедување на средствата за егзистенција на граѓаните.
Дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска, потврди дека ставила потпис на барањата за кредити и објасни дека очекуваат до крајот на месецот да се добијат понудите од банките, а на почетокот на мај ги очекуваат средствата од банките.
– Веќе се пуштени писма до ММФ и до Светската банка, како и до комерцијалните банки. Се бара комерцијалните банки своите понуди да ги достават до крајот на март по што ќе следува евалуација од страна на вработените во секторот за јавен долг при Министерството за финансии, по што ќе треба да се потпише договор. Ќе се потпишува договор во согласност со англиското право, па поради тоа дополнително ќе се ангажира, и во писмото се бара, адвокатска куќа што би помогнала во овој дел, што значи дека средствата најдоцна до 5 мај ги очекуваме да бидат исплатени доколку сè би одело како што треба – објасни таа.
Димитриевска-Кочоска додаде дека сѐ уште не се знае точно колку средства ќе добијат од банките, но истакна дека не се очекуваат проблеми за нивното одобрување, туку само прашањето е по која цена ќе се обезбедат.
Таа наедно посочи дека на приходната страна на буџетот ќе има помалку 60 отсто од планираните средства поради ширењето на вирусот.