Од изворот Студенчица со вода за пиење се снабдуваат жителите од седум општини од југозападниот дел од земјава или близу 200.000 жители
Екстремната суша, која во земјава владее цели четири месеци, придонесе речните корита да бидат безмалку празни. Во тој поглед не е исклучок ни изворот Студенчица, од каде што со вода за пиење се снабдуваат жителите од седум општини од југозападниот дел од земјава или близу 200.000 жители, кои жедта ја гасат од овој извор. Секојдневно штедроста на Студенчица е сѐ помала и ако продолжи сушниот период ќе бидат забележани негативни рекорди, или најнизок водостој, каков што досега е незабележан од пуштањето во работа на овој хидросистем.
– Проблемот со кој се соочуваме е сѐ помалата штедрост на изворот Студенчица. Тоа ни создава големи проблеми во водоснабдувањето, бидејќи долготрајната суша до тој степен ја намали штедроста на изворот, што може да се случи да забележиме негативни рекорди какви што досега не се паметат. Денес на изворот беа измерени само 530 литри вода во секунда. Загрижувачки е што секоја недела штедроста од изворот опаѓа помеѓу 10 до 15 литри, што е и основен показател дека за краток период од изворот ќе се добиваат помалку од 450 литри вода во секунда – вели Урим Ахмеди, директор на јавното претпријатие за водоснабдување (ЈПВ) „Студенчица“.
Тој истакнува дека во согласност со сегашната обилност на изворот овие денови водата се распределува да има за сите корисници, но загрижува константното намалување на штедроста на изворот.
– Според моменталната распределба на водата од овој хидросистем, Кичево добива само 100 литри, РЕК „Осломеј“ и селата од овој регион имаат на располагање 90 литри, додека, пак, 290 литри се упатуваат кон Прилеп, Македонски Брод и преостанатите водокорисници. Од нив, најголемиот потрошувач Прилеп добива од 160 до 180 литри вода во секунда, додека во речното корито за хидробиолошки минимум се испуштаат 50 литри – објаснува Ахмеди.
Според зборовите на Ахмеди, моментално се вршат рестрикции на вода за пиење кај повеќе водокорисници, но тие рестрикции ќе бидат уште поголеми со намалувањето на количествата на водата од изворот.
– За да го премостиме овој период, мораме да водиме сметка за секоја капка од драгоцената течност. Така, во моментов поради намалениот капацитет на вода за пиење, во повисоките зони и во висококатниците во Кичево притисокот на водата е многу слаб. Исто така во Прилеп и во Крушево, во ноќните часови се акумулира вода за пиење во соодветните резервоари, која се користи за дневни потреби на населението. Иако во реката Студенчица за хидробиолошки минимум се испуштаат 50 литри, сепак во последниот километар и во сливниот дел од реката во Треска, таа е целосно сува – посочува Ахмеди.
Тој објаснува дека главна причина за недостигот од вода во реката Треска е што водата понира во пониските слоеви од речното корито, со што се нарушува и биодиверзитетот од оваа традиционално бистроводна река.
– Се надеваме и очекуваме дека наскоро ќе се подобри хидролошката состојба во земјава и со тоа ќе се зголеми штедроста на изворот на Студенчица и ќе се нормализира водоснабдувањето во регионот – додаде Ахмеди.
Инаку во овој период РЕК „Осломеј “ не работи и во случај електроцентралата да почне со нормална работа, количеството вода за овој капацитет ќе мора да биде зголемено за дополнителни стотина литри.
Во периодот од пред 10-15 години, штедроста на изворот на Студенчица изнесуваше 4.000 литри во секунда.