Фото: Игор Бансколиев

ПОРАДИ НАМАЛЕНАТА РЕАЛИЗАЦИЈА НА КАПИТАЛНИ ИНВЕСТИЦИИ И ЗГОЛЕМЕНИТЕ НЕПРОДУКТИВНИ ТРОШЕЊА

Во околности кога јавниот долг се искачи на историски највисоко ниво од 62 отсто, со тенденција до крајот на годината да надмине 65 проценти, забрзан раст со постојниот економски модел и политики е помалку возможно да се оствари, сметаат економистите

Забрзувањето на економскиот раст на Македонија во периодот по ковид-19 е главна тема кај домашните владини претставници, кои потенцираат дека оваа година нѐ очекува стабилен економски раст, но и дека се преземаат мерки за негово забрзување. Колку се реални најавите и очекувањата за забрзување на економскиот раст, особено во овој постковид-период, и по длабоката криза, која стопираше многу работни процеси и остави без работа илјадници граѓани? Владините претставници тврдат дека веќе има знаци на заздравување на економијата, додека економистите укажуваат на тешкотии поради кои не очекуваат големи стапки на економски раст.

– Априлските проекции на ММФ за растот на економијата за Република Северна Македонија во 2021 година со 3,8 проценти раст се блиску до оние на Министерството за финансии (4,1 отсто). Oд почетокот на годината се забележуваат позитивни движења во економијата. Тоа најдобро може да се види преку приходната страна на буџетот. Имено, од почетокот на годината, заклучно со крајот на април, приходите се повисоки за 11 отсто во однос на лани, имајќи предвид дека најголем дел од споредбениот период минатата година не беше под влијание на ковид-кризата.

Наплатата на даноците и придонесите е повисока за над 12 проценти, при што кај даноците се забележува висок раст од скоро 18 отсто, додека кај придонесите раст од 4,5 проценти. Растот на наплатата на даноците се должи на високиот раст на наплатата кај скоро сите давачки, а најмногу на растот на ДДВ-то за скоро 30 отсто – образложи Фатмир Бесими, министер за финансии во својата колумна „План за финансирање забрзан економски раст“.

Фискалната стабилност ќе се одржува преку мобилизирање капитал од приватниот сектор

Бесими објасни дека планот има цел финансирање на заздравувањето на економијата погодена од ковид-19 и поддршка на забрзан и одржлив раст, а притоа одржување фискална стабилност преку мобилизирање капитал од приватниот сектор, како дополнување на финансиските средства издвоени од буџетот.

– Очекувани резултати на среден рок од Планот се: Удвојување на економскиот раст од просечна стапка на раст од 2,5 проценти во изминатата декада на стапки на раст од 5 отсто, зголемување на инвестициите во јавната инфраструктура, како и зголемување на инвестициите кај приватниот сектор преку механизам на мултипликација на финансиите со приватни покрај јавните извори на финансирање, одржување на фискална стабилност во рамките на Мастришките правила за јавен долг и буџетски дефицит. Следствено, инвестициите и забрзаната динамика на раст ќе придонесат кон зголемување на работните места и подобрување на стандардот и квалитетот на живот на граѓаните – потенцира Бесими.

Високите очекувања за годинава се резултат на ланскиот длабок пад

Економистите од своја страна потенцираат дека очекувањата за забрзан економски раст се тешко остварливи од повеќе причини и потенцираат дека високите стапки на раст, кои се најавуваат за оваа година, се резултат на длабокиот пад на економијата во текот на 2020 година.

– Дел од владините претставници се обидуваат умерениот економски раст од околу 3,5 отсто, кој се очекува годинава, да го претстават како некаков економски успех во процесот на економски закрепнување на земјата од кризата, но без притоа да укажат дека таквиот раст нема да биде доволен да ги покрие загубите што економијата ги забележа во 2020 година кога земјата заврши со рецесија од – 4,5 проценти. Практично, овој раст во голема мера се должи на лошата споредбена основа од лани, а не на некакво сериозно подобрување на економската состојба на земјата – објаснува професорот Дарко Лазаров од Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Лазаров посочува дека за разлика од Македонија, некои земји од регионот на Западен Балкан беа многу подобри во справување со кризата што се потврдува со подобрите резултати остварени во 2020 година, но и поповолните прогнози за 2021 година. Како пример ја посочува соседна Србија, која имала негативна стапка на раст од – 1отсто, додека за оваа година очекувањата се дека ќе има раст од 5 проценти.

Неповолниот модел на раст брзо го „јаде“ фискалниот простор

– Сепак, она што многу повеќе загрижува е тоа што државата нема никаков развоен план и стратегија во посткризниот период. Моделот на раст на македонската економија е неповолен, главно базиран на вештачко одржување на финалната потрошувачка преку надворешни задолжувања, но без сериозни инвестиции и подобрување на извозната конкурентност. Таквиот модел многу брзо го „јаде“ фискалниот простор, но не ги подобрува развојните и производните капацитети на земјата како мала отворена економија, која може да генерира раст поголем од 4-5 проценти во еден подолг временски период само преку сериозен инвестициски циклус и структурни реформи за трансформација на македонската економија – објаснува Лазаров.

Професорот исто така посочува дека реализацијата на капиталните проекти и планови се одвива со намалено темпо, што исто така придонесува кон слабиот развој на економијата.

– За жал, во изминатите години имаме ниско ниво на капитални инвестиции на државата наспроти енормни износи на непродуктивни трошења што се гледа во влошување на буџетската структура во изминатите неколку години. Само за илустрација, ако капиталните инвестиции некогаш учествуваат со 10 отсто во буџетот, во последните неколку години тие се сведени на 5-6 проценти, што секако е недозволиво и ќе има штети за долгорочниот потенцијал на македонската економија. Дополнително, она што е не помалку важно е тоа што тековните економски политики не обезбедија напредок и подобрување на конкурентската позиција на земјата што се потврдува со фактот што имаме продлабочување на јазот во трговската размена – дополнува Лазаров.

Според професорот, остварувањето на стапки на раст поголеми од 5 проценти, како што најавува државата, е тешко остварливо, и додава дека тие се невозможни дури и да не се случела кризата со пандемијата поради постојните економски политики и модели на економски раст.

– Сега во вакви околности кога јавниот долг се искачи на историски највисоко ниво од 62 отсто, со тенденција до крајот на годината да надмине над 65 проценти, таков раст со постојниот економски модел и политики е уште помалку реално и возможно да се оствари – потенцира Лазаров.