Ограничувањата на увозот на челикот и на алуминиумот во ЕУ, во ситуација кога 90 отсто од извозот на метални цевки од Македонија се реализираат во земјите од ЕУ и кога во моментов не постои алтернативен пазар за пласман на овие производи, создаваат сериозни проблеми при договарањето на комерцијалните зделки на подолг рок
Челикот повторно ја разбранува економија и ја соочува со големи предизвици, кои се отвораат по најновата одлука на Европската Унија за воведување квоти за извоз на македонскиот челик и алуминиум во времетраење од три години. Европската комисија ја известила Македонија за воведување заштитни мерки за извоз на овие производи, чие надминување ќе ги чини компаниите 25 отсто царина. Досега овие производи беа извезувани без царина. Сето ова отвора можност за создавање нова трговска криза во челичната индустрија.
Според Митко Кочовски, претседател на Здружението на металургија при Стопанската комора на Македонија, во ситуација кога оваа индустриска гранка има значајно влијание врз вкупните економски показатели на земјата и најдиректно, а и мултиплицирано преку поврзаните индустрии, овие мерки на Унијата можат да имаат фатални последици за натамошното опстојување на металургијата.
– Овие мерки може сериозно да ја забават економската активност на државата, со оглед на влијанието на оваа индустрија во вкупните макроекономски показатели. Компаниите ќе имаат редуцирано производство, сите производители имавме почнато инвестициски активности за наредната година, а сега тие ќе бидат под знак прашалник, приходот драстично ќе се намали, а сите ќе имаме високи фиксни трошоци. Исто така, мораме да одиме на намалено производство, што носи и проблеми од аспект на принудни одмори и слично. При вакви услови, кога и онака нема можности за да сe обезбеди кадар, сите тие турбуленции носат неизвесности – објаснува Кочовски.
Тој додава дека ваквите ограничувања за увозот во ЕУ, во ситуација кога близу 90 отсто од извозот на метални цевки од Македонија се реализира во земјите од ЕУ и кога во моментов не постои алтернативен пазар за пласман на овие производи, сето ова создава сериозни проблеми при договарањето на комерцијалните зделки на подолг рок.
– Но овие проблеми нема да застанат само тука, може да се очекува тие да се прошират и кај другите компании што се во синџирот на снабдувањето, со што негативните последици повеќекратно ќе се мултиплицираат – смета Кочовски.
Производителите на челични цевки, за кои се предвидени национални квоти, 2018 година ќе ја завршат со пласман на 180.000 тони во ЕУ, нагласува тој, а од следната година ќе имаат квота од 110.000 тони, што би претставувало намалување на приходите за приближно 45 милиони евра.
– За топловаланите дебели лимови е предвидена глобална квота, базирана на испораките во ЕУ во периодот 2015-2017 година, што под претпоставка дека квотата нема да биде потрошена до крајот на годината, би се свеле на 100.000 тони годишно, значително помалку од оваа 2018 година. Ограничените можности за пласман би значеле помали испораки на годишно ниво за овие производи од 120.000 тони, што би значело намалено производство за цели 4,5 месеци. Финансиските реперкусии од нереализираните приходи би биле околу 24 милиони евра, само од надоместокот за преработка, односно 78 милиони евра по полната продажна цена на лимовите – појаснува Кочовски.
Тој нагласува дека со челикот почнуваат процесите на репродукцијата во секоја економија, челикот развива силни репродукциски поврзаности.
– Тој претставува суровинска основа за редица пропулзивни индустриски сектори во смисла на повисоки фази на негова финализација и диверзификација на индустриската структура на секоја земја кон нови производи и кон производи со повисока додадена вредност. И не е случајно нивото на економската развиеност на секоја земја да се мери според производството и потрошувачката на челик – смета Кочовски.
Како што вели претседателот на групацијата, во теоријата и во практиката на меѓународната трговија, осудуван како чин спротивен на меѓународните договори и принципи на отворена пазарна економија, нагласениот протекционизам станува реалност во насока на заштита на националните челични индустрии.
Што се однесува до Унијата, објаснува тој, таа е носечко комерцијално одредиште на македонските извозни капацитети во челичната индустрија кон кои се насочени над 60 отсто од нивното вкупно производство.
– Станува збор за нешто над 400 илјади тони вкупен извоз, топловалани и ладновалани лимови, бетонско железо и цевки. И што е уште позагрижувачко, нашата челична индустрија нема други алтернативни пазари што би претставувале излезно решение во оваа ситуација – потенцира Кочовски.
Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања, вели дека во согласност со новата формулација, просекот на извоз во 2015/2016/2017 година, плус 5 отсто раст, се заштитни мерки поради тарифите што САД ги имаат кон ЕУ, а сега ЕУ го заштитува својот пазар.
– Сѐ што ќе биде експорт над тие проценти, над тие тони извоз, ќе биде царинето со 25 отсто. Имаше процени дека можеби штетата ќе биде и до 100 милиони евра на годишно ниво – истакна Османи.