Еуролинк осигурување во рамките на платформата за корпоративна општествена одговорност „Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности“ петта година по ред распишува конкурс за доделување 35 Еуролинк стипендии за студентите на Правниот факултет ,, Јустинијан Први’’ – Скопје од кои 25 стипендии за студенти на додипломски студии (прв циклус) во поединечна вредност од 40.000 денари и 10 стипендии за студенти на последипломски студии (втор циклус) во поединечна вредност од 60.000,00 денари.
Право на аплицирање за добивање Еуролинк стипендија имаат сите редовни студенти кои се запишани на прв и на втор циклус на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кои имаат редовен упис во учебната 2017/2018 година и кои исполнуваат услов за упис во учебната 2018/2019 година.
За доделување на стипендијата потребно е студентите да ги исполнат следните услови: студентите да имаат остварено просечен успех од положени испити од најмалку 8,5; да не се корисници на друга стипендија; да го задржат статусот редовен студент со просечен успех од 8,5 во учебната година кога ќе ја користат стипендијата; да достават потврда за редовен студент за учебната 2018/2019 година, пополнет пријавен лист за доделување стипендија ( кој може да се превземе од веб страницата на Еуролинк осигурување ), уверение од положени испити, куса биографија (пожелно да биде во ЕУ формат) и есеј на тема ,,Општествена одговорност на компаниите низ призма на општествените промени„ од најмногу 500 збора.
Еуролинк ги поканува студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ да ги поднесат своите апликации за „Еуролинк стипендија“ од денес, 18.6.2018 г. до 1.10.2018 г . За начинот на доставување на документите, потребните документи и апликацијата, студентите може да се информираат и да ги преземат од интернет-страницата на Еуролинк www.eurolink.com.mk . Кандидатите треба да ги достават документите во 5 примероци ( 1 оригинал комплет и 4 копии на комплетот) во затворено плико на кое е назначено дека е апликација за Еуролинк стипендија , преку архивата на Факултетот во печатена форма до: Проф. д-р Неда Здравева, одбор за доделување на ,,Еуролинк стипендија‘’, Правен факултет ,,Јустинијан Први’’, бул. Гоце Делчев, бр. 9Б, 1000 Скопје, во архивата на факултетот и во електронска форма на е-адресата: [email protected].
Пријавите кои немаат целосна документација и коишто не се доставени навремено и на наведениот начин нема да се разгледуваат и да се оценуваат.
Еуролинк стипендиите се наменети за студентите да ги покријат трошоците за кофинансирање и како поттик за успешно завршување на нивните студии.
Доделувањето на стипендиите за студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ е активност во рамките на програмата за општествена одговорност на компанијата: „Еуролинк – вaшата врска со вистинските вредности“, преку која годишно се реализираат повеќе проекти од областа на образованието, културата и уметноста во Република Македонија.