„Еуролинк осигурување“ АД Скопје во првото полугодие од оваа година ја зацврсти втората пазарна позиција со учество од 13,22% на целокупниот пазар за неживотно осигурување во Република Северна Македонија. Бруто-полисираната премија за првите шест месеци изнесува 582.871.550 денари, што претставува пораст од 7% за период во кој целокупниот пазар за неживотно осигурување расте со 5%.
Компанијата е пазарен лидер во незадолжителните класи, и тоа: класата на здравствено осигурување со 46% пазарно учество, осигурување од несреќен случај – незгода со 23% пазарно учество, осигурување на туристичка помош со 17%, а по основа на осигурување од општа одговорност со сегашното 25% пазарно учество го одржува приматот на првата позиција веќе 11 години по ред.
Резултатите покажуваат зајакнување и на капиталната позиција, која изнесува
501.882.050 денари со пораст од 41.501.839 денари или 11% за истиот период лани.
Со порастот на бруто-полисираната премија и континуираниот раст на бројот на осигуреници „Еуролинк осигурување“ продолжува со квалитетно намирување на своите обврски кон осигурениците, за што сведочи зголемениот износ на бруто-исплатени штети од 199.089.717 денари,или пораст од 8% во однос на износот на бруто- исплатените штети за првото шестмесечје во 2018 година.
Компанијата со својата мрежа на подружници во над 30 града и со своите 217 вработени настојува да биде таму каде што клиентите имаат потреба, за што се доказ повеќе од половина милион задоволни корисници. Иновативноста е евидентна во сите сегменти од работењето на друштвото, како во унапредување на интерните процеси така и преку технолошките иновации,како што е уникатниот контакт-центар „Еуролинк 24“, првата интернет-продавница за осигурување преку која граѓаните веќе 7 години на лесен, брз и едноставен начин може да купат осигурување за регистрација на своето возило, на својот дом и осигурување на туристичка помош, а тука е и првата мобилна апликација за осигурување, која им овозможува флексибилност на клиентите и во движење. Воедно, „Еуролинк“ преку својата платформа за општествена одговорност „Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности“, преку разни активности во областа на образованието, културата и уметноста вложува во општеството во кое работи.
Плановите на компанијата се амбициозни и насочени кон освојување на првата пазарна
позиција на пазарот за осигурување.