Со смислени целисходни кампањи до нови странски туристи
Туризмолозите посочуваат дека се потребни нови и агресивни пропаганди со кои ќе се привлекуваат туристи. Укажуваат дека е потребно да се цели на пазари што ќе бидат привлечни за нас, да се направат анализи што сакаат тамошните туристи, да се понудат модели што ќе им го привлечат вниманието за да нѐ посетат, но и да се вратат во нашата земја
Правилно насочена и засилена промотивна кампања меѓу соседните и европските земји, но и промоција на безбедносните гаранции што се нудат за странските туристи при престојот во нашата земја. Ова го предлагаат туризмолози и инволвирани во туристичката дејност за следниот период, со цел привлекување повеќе странски туристи. По корона-кризата, која сѐ уште трае, веќе имаме пристигнување на туристи од Полска, а се очекуваат и Холанѓани, но и посетители од Украина. Инволвираните потенцираат дека е добро што имаме странски туристи, но сега е многу важно да останеме на листата земји со мал број заразени, но и да ја гарантираме здравствената грижа за туристи што би заболеле од коронавирусот по пристигнувањето во Македонија.
– Гледаме дека се враќаат туристите од Полска и од Холандија, кои се наши традиционални туристи, и добро е што имаме поврат по корона-кризата. Сепак, недостаток е што остануваме само на тие традиционални туристи и што не се преземаат конкретни чекори за привлекување повеќе странски туристи. Потребни се нови и агресивни пропаганди со кои ќе се привлекуваат нови посетители. Потребно е да се цели на одредени пазари што ќе бидат привлечни за нас, да се направат анализи што сакаат тие туристи, да се понудат модели што ќе им го привлечат вниманието да дојдат да нѐ посетат, но и да се враќаат повторно. Сега имаме посетители што се привлечени со субвенционирање и треба да се најдат модели и за други туристи. Сепак, треба да сме свесни дека корона-кризата си го направи своето. Пандемијата го стопираше туризмот речиси целосно и во целиот свет, не само кај нас. Дополнително во ваков период ниту можеа да се прават планови или мерки за привлекување туристи – вели туризмологот Зоран Николов.
Тој посочи дека покрај посетители од Холандија и од Полска, има голем број посети и од Турција, и дополни дека се очекуваат и гости од Украина, што, според него, ќе биде навистина позитивно за домашниот туризам, ако овие најави се реализираат.
– Сметам дека ние треба да ги привлекуваме и да се насочиме кон туристи од соседството, но не преку ослободување од патарините за да транзитираат низ нашата земја како благодарност за вакцините, туку да се задржат во нашата земја. Би можеле да се насочат дел од ваучерите кон странските туристи, да поседат неколку дена во нашата земја, по можност и подолго и на тој начин да остават дел од планираните средства за одмор кај нас. Сличен проект има Малта, тие им даваат по 100 евра на туристите за дополнително да престојуваат во земјата, нешто слично би можеле и ние да направиме. Притоа многу е позитивно ако успееме да ги привлечеме соседите, да ја истражуваат нашата земја. Исто така навистина солиден и голем пазар е и Украина, и доколку успеат планираните посети да ги направат редовни, ќе биде навистина полезно за нашиот туризам. Исто така добар пазар е Русија, но не гледам дека се преземаат конкретни мерки за привлекување туристи од таму. Добро е што се воспостави авиолинија со Русија и истата таа треба да се искористи за помасовна посета на руски државјани на нашата земја, само треба да се опфатат и привлечат тие посетители преку разни кампањи – заклучува Николов.
Сопственикот на туристичката агенција „Арбо травел“, која покрива и дојдовен туризам, Дончо Нацев, објаснува дека покрај полските туристи, кои стануваат традиционални туристи последниве неколку години, и холандските, кои веќе се традиционални, туристи имаме од секаде, а најголем дел се опфатени со балканските тури.
– Според нашето досегашно искуство, меѓу најдобрите туристи за нашата земја се европските туристи што доаѓаат во рамките на балканските тури, со кои посетуваат неколку локации низ Балканот, а во Македонија се задржуваат околу четири дена. Нашите предлози како инволвирани во дејноста беа да започнеме со аплицирање за марката „безбедна земја“ уште од минатата година, што треба да ни обезбеди поголем интерес од страна на туристите. Добро е што сега сме на зелената листа на безбедни земји за патување за европските граѓани, а она што би требало сега да се прави е преку поагресивна и подинамична акција да се промовира Македонија, да знаат странците дека сме безбедна држава, дека ги преземаме обврските во случај некој турист да заболи од ковид-19 за негово лекување, да знаат дека ќе бидат згрижени, мерки што веќе ги практикуваат и соседите – објаснува Нацев.
Тој додава дека е добро што како држава не бараме задолжителни тестови од туристи што сакаат да ја посетат Македонија дека се негативни на ковид-19, или, пак, потврда за прележан вирус или вакцинација, освен за земји каде што сѐ уште има големо ширење на вирусот, како што се дел од јужноафриканските земји, или, пак ,Индија и други земји. Нацев потенцира дека е клучно земјата да посвети повеќе внимание на промоција и притоа, според него, истата таа може да се насочи кон православните земји.
– Веќе имаме најавено тури од Украина, а се планираат и од Русија. Со отворање кон православните земји имаме големи можности за привлекување посетители од тие земји, како што се Чешка, Украина, Белорусија… Треба на тамошните граѓани да им се покаже дека ние сме лулка на цивилизацијата, дека сме безбедна земја и дека сите ги имаат истите права. На овој начин ќе привлечеме нови туристи, кои можат да станат традиционални како што беа малезиските туристи, јапонските… Според мене, вистинско заживување на туризмот може да очекуваме дури во 2022 година, но враќање на бројките од 2019 година дури во 2023 година. Ни недостигаат подобра промоција и маркетинг. Сметам дека со формирање комитет за туризам или посебно министерство за туризам ќе може да се посвети поголемо внимание на оваа гранка, која може за Македонија да биде многу доходовна. Со посилна промоција на фактите, како на пример дека го имаме најстарото езеро во светот, или дека имаме езеро во три држави имаме добар маркетинг. Но веќе имаме и солидно развиен рурален, селски гастрономски туризам и затоа е потребен посериозен пристап преку формирање соодветно институционално тело со кое ќе му се посвети вистинско внимание на туризмот – потенцира Нацев.