Примената на енергетската ефикасност во домовите може да ги намали трошоците до 40 проценти, а домаќинствата имаат можност и за заштеда до 20 проценти од инвестицијата преку кредитната линија на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) што се пласира преку некои од комерцијалните банки во Македонија.
Тоа беше речено на вчерашното одбележување на Светскиот ден на енергетската ефикасност, при што освен економските, беа посочени и еколошките придобивки од примената на енергетската ефикасност кај домувањето.
– Пресметките прикажуваат дека доколку едно семејство инвестира во солидни мерки за енергетска ефикасност, заштедите можат да бидат дури до 40 отсто, а домаќинството ќе си го задржи комфорот на живеење – истакна Игор Панчевски од ГЕФ-програмата на ЕБОР.
Илија Ќироски од ЕВН рече дека компанијата од влезот на пазарот во земјава спроведува активности поврзани со енергетската ефикасност и додаде дека сѐ повеќе се зголемува свеста за енергетската ефикасност. Тој потсети дека ЕВН почна со едукација на населението за заштеди на електричната енергија со проектите „Енергетска азбука“ и „Енергетска математика“. Тој посочи дека денес со производите и услугите што ги нуди овозможува секое домаќинство да може да имплементира енергетска ефикасност во својот дом и да придонесе кон заштеда на својот буџет, но и за заштеда на животната средина. Е.Р.