Фото: Игор Бансколиев

Дали во моментов во Европа се случува судир помеѓу традиционалните производители на енергија (пред сè на нафта и гас) и „зелените“ (и со нив поврзаните сопственици на новите и засега скапи технологии)? Дали, пак, можеби станува збор за геополитички (енергетски) конфликт меѓу главните глобални играчи на Западот и на Истокот? Или, пак, споменатиот судир во Европа е „збир на несреќни околности“ предизвикани од
пандемијата на коронавирусот, која најпрвин влијаеше на падот на економската активност, а со тоа ја намали потребата за купување гас, па по заздравувањето дојде до зголемена потреба за дополнителни количества од овој енергент, но и од нафта, а сето тоа дополнително обременето со неочекувано долгата и ладна зима?

Европа се соочува со колосален енергетски проблем

Без разлика дали причинител на актуелниот судир во Европа се производителите на енергија, геополитички судир, корона-пандемијата или, пак, се работи за кумулативен ефект на сето гореспоменато, факт е дека Европа се соочува со невиден енергетски проблем откако гасот стана доминантен енергент за нејзината индустрија и масовната потрошувачка.

Цената на гасот до небеса, но и
цената на струјата не заостанува

Паралелно со неконтролираното дивеење на цените на гасот, на европскиот пазар се случува и зголемување на цените на електричната енергија. Цените на електричната енергија во многу европски земји пораснаа до рекордно ниво.
Поради проблемите со гасот и растот на цената на гасот, како и на цените на електричната енергија, на европската сцена повторно се враќа еколошки неприфатливиот и омразен енергент – јагленот. Неговите цени, кои подолго време беа во надолна линија, сега престанаа да паѓаат, наведуваат низа респективни светски печатени медиуми.
Прогнози е тешко да се даваат, но генерално со пуштање на „Северен тек“ се очекува цената на гасот да се стабилизира. „Северен тек“ е веќе комплетиран, се очекуваат само одобрувањата од регулаторите.

Има ли причини за загриженост во Македонија?

Драстично зголемување на цените на електричната енергија и на природниот гас ги загрижува и надлежните во Македонија, како и потрошувачите.
– Ние како Регулаторна комисија за енергетика сериозно ги следиме случувањата на слободниот пазар на електрична енергија, како и на слободниот пазар на природниот гас, и со анализите со кои располагаме цената од јуни почна драстично да расте во цела Европа, што се манифестира со рекордно високи цени во сите земји-членки во ЕУ. Имајќи предвид дека ние сме увозно зависна земја, и кај нас ги има истите појави и на слободниот пазар на електрична енергија драстично е зголемена цената. Но тоа пред сѐ е увезена компонента и ние не можеме да влијаеме на случувањата на пазарот на електрична енергија во цела Европа – објаснува претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Според него, постојат повеќе причини за зголемувањето на цените на електричната енергија, првата е дека се воведени трошоци за ЦО2-емисии, коишто сега изнесуваат околу 70 евра за мегават-час, а минатата година изнесуваа околу 20 евра за мегават-час.
– Исто така, сушата го намали производството од хидропотенцијалот и намалено е производството и од ветерните електроцентрали, поради тоа најголемиот дел европски земји се насочија кон производство на електрична енергија од природен гас, но, за жал, и состојбата со природниот гас е исклучително сериозна, имајќи предвид дека и природниот гас достигнува незапаметено високи цени. Така што сега, во септември, се тргуваше за цена за природен гас од 1.000 евра за нормален кубен метар. А цената што ја утврди РКЕ како трошок на топланите во Скопје за набавка на природен гас изнесуваше околу 290-300 евра за нормален кубен метар. И како резултат на сето ова, цената на електричната енергија драстично се зголеми и сето тоа придонесе да се зголеми цената на сите берзи во Европа – појаснува Бислимоски.

Некои од снабдувачите не се придржуваат до договорените обврски

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, вели дека уште во јуни ги информирале сите снабдувачи со електрична енергија да водат сметка за нивните договорни обврски со потрошувачите и за цените на електричната енергија.
– За жал, некои од снабдувачите не се придржуваа до договорените обврски коишто ги имаат со потрошувачите и започнаа да ги раскинуваат договорите со потрошувачите или, пак, да им нудат драстично повисока цена. Од една страна, ние ги разбираме снабдувачите, дека имаат таков период кога не обезбедиле доволно количество електрична енергија, договорите ги склучиле по пониски цени, а сега набавката им е по повисока цена, и за да избегнат банкротирање, ги раскинуваат договорите – посочува Бислимоски.
Како што објаснува претседателот на РКЕ, во снабдувањето со електрична енергија, за жал, има и три компании што не можат да обезбедат струја во согласност со договорите што се направени со клиентите, но дека не се очекуваат проблеми во енергетскиот сектор.
– Клиентите што овој период останале без доставувач на енергија ќе бидат преземени од универзалниот снабдувач или, пак, од снабдувач на краен корисник зависно дали е мал потрошувач, домаќинство… Најважно е што нема да се почувствува недостиг од енергија кај крајните потрошувачи, системот е организиран и стабилен – нагласува Бислимоски.


Велика Британија со недостиг од горива, снабдувањето во Македонија засега стабилно

Во Велика Британија се создаде паника поради недостиг од горива, што создаде големи редици на бензинските пумпи, а било неопходно да интервенира и полицијата. Владата апелираше возачите да продолжат со вообичаеното полнење на горивата, а тамошните медиуми јавуваат дека стотици бензински пумпи најавуваат ограничување од 30 фунти за полнење гориво по возач, за да се осигури дека секој има фер шанса да наполни гориво.
Сепак, во оваа одлука, како што се посочува, нема да спаѓаат возачи на камиони и итните служби поради нивната витална улога.
Состојбата во Велика Британија, сепак, не се очекува да се прелее и во Македонија или во другите земји бидејќи на светските берзи нема недостиг од горива.
– Немаме ние проблем со дотурот на горивата во Македонија. Ги следиме состојбите, во постојан контакт сме со доставувачите, дотур се врши навремено. Проблемот во Велика Британија се должи на други фактори – посочи претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Како што пишуваат медиумите од Британија, голем број возачи ги блокирале патиштата во страв од недостиг од гориво. Британскиот премиер Борис Џонсон се согласи привремено да ги олесни правилата за имиграција, за да можат странски возачи на камиони да работат во Британија за да се надмине кризата со недостиг од возачи на камиони, што резултира во недостиг од горива на бензинските пумпи во земјата.
Обединетото Кралство соопшти дека ќе го реши проблемот со недостигот од гориво, возачи на камиони цистерни за испорака на нафта и бензин, што предизвикува растечки проблеми во синџирите на снабдување со гориво.
Се проценува дека Велика Британија треба да увезе околу 100.000 возачи за нормализирање на ситуацијата, откако 25.000 се вратија во Европа пред брегзит, а пандемијата го запре процесот на пристигнување нови возачи, околу 40.000.


Во Германија околу 310.000 домаќинства се соочуваат со 11,4 отсто зголемување на нивните сметки за гас, што претставува дополнителни 172 евра за типичните годишни трошоци од 1.516 евра. Во Италија увозот покрива повеќе од две третини од енергетските потреби, а Рим планира да воведе три милијарди евра како краткорочни мерки за да ги намали потрошувачките цени.
Шпанските потрошувачи забележаа зголемување од 35 отсто во сметките за струја во изминатата година. Сепак, социјалистички предводената коалициска влада на Шпанија планира да воведе привремен дополнителен данок за вишокот профит на енергетските компании. Со тоа, Мадрид очекува да пренасочи 2,6 милијарди евра кон потрошувачите и да го ограничи растот на цената на гасот. Во Велика Британија, големопродажната цена на гасот порасна за 250 отсто од јануари, со тоа што банкротираа шест од околу 40 енергетски снабдувачи во државата. Франција веќе најави субвенции од 100 евра за речиси шест милиони домаќинства со ниски приходи.
Меѓутоа, норвешката државна енергетска компанија „Еквинор“ ќе го зголеми снабдувањето со гас во Европа, така што ќе го поттикне производството од полињата Трол и Осеберг. „Еквинор“, кој е втор по големина снабдувач на гас во Европа, по руски „Газпром“, ќе извезува дополнителни две милијарди кубни метри годишно, почнувајќи од 1 октомври. Норвешка извезува околу 106 милијарди кубни метри природен гас во Европа секоја година.

Петранка Огнаноска
Катерина Михајлова