Забрзано се гради експресниот пат Штип-Радовиш, којшто ќе биде готов и пред предвидениот рок од три години.
Увид во градежните работи денеска направија министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Агенцијата за државни патишта Зоран Китанов и градоначалниците на Штип и Радовиш, Благој Бочварски и Герасим Конзулов.
– Денеска сме тука на изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш со инвестициска вредност од 47 милиони евра. Од надлежните, изведувачите и надзорите ни беше соопштено дека согласно планот и реализацијата дури и подобро е реализирано до овој момент од она што претходно било планирано – изјави Сугарески.
Директорот на Агенцијата за државни патишта забележа дека комплетно е пробиена трасата Штип-Радовиш и тоа во рок од четири месеци.
– Извршени се веќе 10 проценти од работите за целиот пат. Значи трасата е комплетно завршена и веќе може да се очекува да се градат завршните делови. Во меѓувреме заврши тендерот за рехабилитација на споредниот регионален пат по којшто се движиме и кога возилата ќе се движат по оваа траса, тој ќе биде асфалтиран за да не претрпи дополнителни оштетувања – вели Китанов.
Првата фаза од мостот на реката Брегалница кај Штип до клучката кај рудникот Бучим во Радовиш се работи забрзано од страна на градежната компанија „Штрабаг“, а тендерската постапка за втората фаза на овој регионален пат од приградската населба Три Чешми во Штип до мостот на реката Брегалница и од радовишки Бучим до влезот на Радовиш веќе е завршена.
Во источниот регион планирано е да се инвестираат околу 280 милиони евра во патната инфраструктура, а според министерот Сугарески, се работи со добра динамика на сите патни правци, иако во изминатиот период имало проблеми кои се надминати.
Надминати се и проблемите на експресниот пат Штип-Кочани, кадешто поинтензивно се работи, а се градат и патиштата Радовиш-Подареш и Радовиш-Плачковица. Завршува и тендерот за свлечиштето кон Конче.
Завршена е и 31 рехабилитација на патиштата, како и тендерската постапка за 12 патишта коишто ќе се градат со пари од Светска банка.
Автопатот Штип-Миладиновци веќе е комплетно асфалтиран, а како што изјави Китанов, останува да се доработи кај клучката кај Три Чешми.
– Асфалтирањето за некои десетина дена комплетно завршува. Во меѓувреме забрзано се работат еластичните огради, поставувањето на мрежите, одводните канали. Значи автопатот Миладиновци-Штип е во завршна фаза и ќе биде пуштен согласно очекувањата и препораките од надзорот – изјави Китанов, додавајќи дека задоцнувањето од околу 35 работни денови е поради дождливите денови до јуни.