Да се формализира во законски рамки работата од дома, која се наметна како потреба за нов начин на организирање на работата во време на пандемија е една од главните препораки на експертите што учествуваа на денешната онлајн осма сесија на Националната конвенција за ЕУ од вториот циклус на Работната група 2 – Социјална политика и вработување (Поглавје 19) на тема „Правните механизми за регулирање на работните односи во услови на пандемија предизвикана од ковид-19: лекции што ги научивме и лекции што треба да се научат.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, нагласи дека темата е од суштинско значење за утврдување на правните механизми за регулирање на оваа материја.
– Пандемијата не е само здравствена туку, и економска и социолошка криза што ги погоди и многу моќните економии, бидејќи вирусот е бескомпромисен. Во кризниот период приоритет беше да се зачуваат работните места и помошта на ранливите категории, со цел да им помогнеме и на компаниите и на работниците. Работата од дома, која се наметна како нов концепт и како нов начин на работа, стана сериозно искуство и ова ќе биде вградено во новата законска регулатива понатаму. Социјалната реформа беше ставена на тест. Одговорно тврдам дека таа овозможи да ја пребродиме кризата – изјави Шахпаска.
„Работата од дома како начин на организирање на работниот процес ќе продолжи и по завршување на пандемијата што бара системско регулирање на оваа материја“, изјави професорот на Филозофскиот факултет од Скопје, Јован Пејковски.
Притоа, како што додаде тој, ќе биде потребно да се прецизираат и други детали како максималниот и минималниот број на работни часови, минималниот надомест, начинот на кој ќе се напредува во кариерата, под кои услови може да се прекине договорот за работа, користењето на боледување и одмор, заштита при работа од дома, заштита на мајчинстовто, период на исплата на платата, работа од дома на определено и на неопределено време, каква е обврската за известување на работодавачот во поглед на промени на обврските и условите, плаќање на прекувремена работа во случај кога е зголемен обемот на работа, кои се обврските на работодавачот, одржување на опремата, инсталациите, зајакнување на интернет врската, дигитализација, инвестирање во информатичка технологија, заштита на податоци и слично.
На ова барање се надоврзаа и професорите Лазар Јовевски, од Правниот факултет и Зоран Михајлоски од Американ Колеџ, кои нагласија дека начинот на работа од дома треба да се уреди со реформата на Законот за работни односи која е во тек.
Дел од експертите се согласија дека кризата се одрази и врз балансот на родовата рамноправност.
– Кризата има и родова димензија, покрај правниот механизам за кој денеска дискутираме. Здравствената криза отвори многу предизвици. Ги погоди сите земји во светот и од родов аспект и ја засили постојната нерамноправност – изјави Габриела Маџовска од МТСП.
На тоа се надоврза и универзитетската професорка Македонка Радуловиќ, која зборуваше за ранливоста на вработените жени на пазарот на трудот и која препорача да се воведе и контрола на имплементацијата на новата регулатива, како и тоа дека треба да се отворат детски градинки што ќе работат 24 часа за родители што работат на смена, како и обезбедување на семејни асистенти.
На дебатата се вклучија и словачките експерти Даниел Шкобра и Томаш Стражај, кој се заблагодари за организацијата на вебинарот и покрај пандемијата со корона вирусот и посочи дека целта на ваквите сесии, како и на самата Национална конвенција е да се споделуваат искуства и да се помагаат и поддржуваат експертите меѓусебно.
– Во планот на ЕУ за заздравување од пандемијата се вклучени не само 27-те членки, туку и неколку други држави, меѓу кои и Северна Македонија. Сакам да нагласам дека Словачка целосно ги поддржува заложбите за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија – рече Стражај.
Во тој контекст дебатата ја заклучи координаторката на Националната конвенција, проф. д-р Милева Ѓуровска, која изјави дека тригодишното искуство на Националната конвенција покажа дека не само што функционира новата методологија за пристапни преговори за членство во ЕУ, туку и го зголеми интересот меѓу повеќето чинители од општествениот живот во нашата држава, особено во делот на трудовите односи што беше тема на денешната дебата и што спаѓа токму во кластерот на економската сфера.
– Економијата беше посебна ударна точка на пандемијата и може да се мери со најголемите кризи во светот. Затоа, регулацијата на начинот на работата од дома бара мерки на долг рок – заклучи Ѓуровска.