Нашата држава забележува најдобри резултати во спроведувањето на мерките од Програмата за економски реформи во споредба со другите земји од процесот, во согласност со оцените на програмите од страна на Европската комисија, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на конференцијата за почеток на Програмата за економски реформи 2020-2022. Тевдовски нагласи дека до 2017 година реализацијата на препораките од заедничките заклучоци, била ниска.
– Постојано беше посочувано дека земјата нема стратегија за реформи во јавните финансии, недоволна транспарентност во јавните финансии, честа промена на законите и некористење на алатката ЕНЕР за консултации со јавноста по предлог-закони, како и непреземање активности во однос на неформалната економија – вели тој.
Според него, состојбата е променета последните две години.
– Првпат имаме јасна и кредибилна Стратегија за реформи во јавните финансии, значително е подобрена транспарентноста во јавните финансии. Стабилизирано е нивото на јавниот долг. Започна отплатата на доспеани неплатени обврски на јавниот сектор. Редовно се користи алатката ЕНЕР за консултации со јавноста по предлог-закони. Првпат е донесена Стратегија за формализација на неформалната економија и веќе имаме спроведено активности предвидени со Акцискиот план 2018-2020 – додава Тевдовски.
Андреас Пападопулос од Генералниот директорат на ЕК за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија вели дека главна цел на подготовката на Програмата за економски реформи е да го подобри среднорочното економско планирање.
– Програмата за економски развој им помага на земјите-кандидати постепено да се приспособат на критериумите за членство, постоење на функционална пазарна економија и конкурентност на пазарот – појасни Пападопулос.
Специјалниот советник за економија на Владата од Германија, Валтер Дефа во своето обраќање посочи дека главна цел треба да биде повисок раст, но не само квантитативен, туку одржлив, инклузивен и паметен раст, базиран на нови технологии и иновации.
– Еден од клучните приоритети во реформите треба да биде зголемување на продуктивноста и конкурентноста во домашниот приватен сектор со подобро интегрирање на домашните фирми во глобалниот синџир на вредности. Врските со високопродуктивните странски инвестиции и домашните компании треба да се зацврстат. Ова ќе им овозможи на домашните фирми да се модернизираат, да користат модерни технологии, менаџмент-практики, маркетинг, финансии и менаџмент на човечки ресурси. Со тоа ќе се засили трансформацијата на структурата на економијата кон производство со повисока додадена вредност и поквалитетни работни места – истакна Дефа. Е.Р.