Неизвесноста и ризиците околу изгледите за растот и натаму постојат и во глобални рамки тие се оценуваат како избалансирани. Сепак, за земјите во развој, каква што е Македонија, каде што спроведувањето на имунизацијата се одвива побавно, ризиците се понагласени
Една и пол година од почетокот на здравствената и економската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19 во Македонија, а иднината е сѐ уште неизвесна. Иако разните вакцини носат одреден оптимизам, причините за загриженост ги вклучуваат мутациите на вирусот. Се наметнуваат прашањата дали ќе постојат економски флуктуации во втората половина на оваа година, колкави ќе бидат ризиците и последиците и дали евентуално можните нови рестрикции во иднина низ државите во ЕУ, но и во Македонија, може да влијаат негативно врз економијата и да имаат последици врз трговијата.
– Неизвесноста и ризиците околу изгледите за растот и натаму постојат, во глобални рамки тие се оценуваат како избалансирани. Сепак, за земјите во развој, каде што спроведувањето на имунизацијата се одвива побавно, ризиците се понагласени, во согласност со опасноста од ширењето нов бран на пандемијата предизвикан од новите соеви на коронавирусот, кои ја зголемува загриженоста за закрепнувањето на економијата – велат од Народната банка на Македонија.
Фокусот и натаму е на зголемувањето на степенот на имунизација
Оттука, додаваат тие, на глобално ниво, фокусот за излез од кризата и натаму е ставен на олеснување на пристапот до вакцини и зголемување на степенот на имунизација.
– Во моментот кога здравствените параметри ќе дозволат нормализација на економската активност на поодржлива основа, се очекуваат поповолни ефекти врз банкарскиот систем, како и подолготрајни позитивни ефекти врз пазарот на трудот и врз потенцијалот за раст на економиите – објаснуваат од Народната банка.
Надлежните од банката додаваат дека слабата домашна потрошувачка придонела за натамошно надолно приспособување на увозот на стоки и услуги, и покрај растот на извозот.
– Расположливите високофреквентни податоци за економската активност за вториот квартал покажуваат позитивни движења, со оглед на стабилизирањето на третиот бран од пандемијата, како и започнатата имунизација во земјата и постепеното повлекување на рестриктивните мерки, што придонесе за постепено закрепнување на услужниот сектор. Сепак, ризиците за растот на економијата и натаму постојат со појавувањето на делта-сојот и главно се поврзани со развојот на пандемијата и процесот на вакцинација – посочуваат од НБРСМ.
Според нив, на годишна основа, проекциите предвидуваат раст на БДП од 3,9 отсто во 2021 и 2022 година, како и раст од 4 отсто во 2023 година.
Неизвесноста околу закрепнувањето сѐ уште е голема
Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, смета дека очекуваните влошувања поврзани со идните бранови на пандемијата, кои се очигледни, веројатно ќе имаат одреден израз врз намалување на целокупните економски активности.
– Но мислам дека имајќи го предвид интензитетот на вакцинацијата, како и нискиот очекуван ризик на смртност поради вакцинацијата, особено во земјите на ЕУ, каде што ние сме со над две третини од вкупната трговска размена, не верувам дека би се повториле негативните трендови како минатата година. Сепак целосната нормализација во економијата се очекува дури во 2022 година – објаснува Беџети.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, неизвесноста околу закрепнувањето и натаму е голема, а тоа главно се должи на пролонгираната здравствена криза, односно колку вакцини ќе се аплицираат и дали ќе бидат задоволително ефикасни против новите соеви на коронавирус.
– Извори на неизвесност се и ефективноста на политиките за ограничување на економската штета од пандемијата, развојот на финансиските услови и движењето на цените на добрата и услугите, како и капацитетот за приспособување на економијата – смета Бесими.
Оттаму, според него, покрај мерки и активности кон заздравување на економијата, потребно е да креираме механизми што ќе ја стимулираат економската активност во насока на повисок и одржлив раст на среден рок.
– Тоа е целта на стратегијата за закрепнување на економијата, забрзан и одржлив раст, стратегијата се состои од четири столба: економско заздравување од ковид-19, забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и развој на човечките ресурси и еднакви можности.