Од Светска банка препорачуваат на краток рок Македонија да се фокусира врз стабилизирањето на јавниот долг, кој годинава порасна на 49 проценти, што, според оваа институција, е можно доколку се спроведе одредено приспособување
Светска банка на македонската економија ѝ предвидува економски пораст од 2,5 проценти за оваа година, 2,9 за следната и 3,2 проценти за 2020 година. Ова беше кажано на вчерашната презентација на редовниот полугодишен економски извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан. Од Светска банка оценуваат дека македонската економија значително закрепна во однос на 2017 година и дека се гледаат позитивни движења поддржани од приватните инвестиции и потрошувачката.
– Се забележува пораст по квартали, има пораст на индустриското производство од 5,6 проценти, движено од странските директни инвестиции и дел од домашното индустриско закрепнување. Градежништвото има негативен пораст во првата половина од 2018 година, предизвикан од запирањето на градбата на дел од автопатиштата. Има поврат на динамиката на приватните инвестиции во високоградба и пораст на приватната потрошувачка поддржана од порастот на платите и пензиите – рече економистот на Светска банка, Бојан Шимбов.
Претставниците на Светска банка истакнаа дека врз очекуваниот пораст може да влијае нарушувањето на реформскиот процес под влијание на изборните циклуси и неисполнување на фискалната консолидација.
– Македонија забележа најголем напредок од шесте балкански земји од минатата година. До 2020 година се очекува постепен пораст, што ќе зависи од процесот на пристапување кон ЕУ и одржаниот момент на реформите – рече директорот на канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели, додавајќи дека ќе ги следат состојбите и ќе ги земат предвид при следните проекции.
На краток рок, од Светска банка на Македонија ѝ советуваат фокусирање врз стабилизирањето на јавниот долг, што годинава порасна на 49 проценти. Според Мантованели, добро е што оваа година е намален дефицитот и со тоа се креира простор за продуктивни инвестиции во човечкиот капитал и помала потреба да се финансираат дефицити за повторно задолжување.
Светска банка препорачува структурна реформа фокусирана на креирање опкружување за продуктивен конкурентен приватен сектор, а од друга страна инвестирање во човечки капитал.
Очекувањата се во втората половина да се забрзаат приватната потрошувачка и инвестициите во градежништвото. Оттаму истакнаа дека невработеноста на населението се намалува и се очекува таа да падне под 20,4 проценти до крајот на годината. Но она што се оценува како негативно е што невработеноста кај младите, која се зголемува, а и повеќе од половината од работната сила е неактивна, односно не бара работа и не е ангажирана на пазарот на труд. Платата во просек се зголемила за 5,5 проценти, а најголемо зголемување има кај трудоинтензивните дејности, и тоа за десет проценти.
– На страната на приходите има пораст по сите основи. Повратот на ДДВ е со забрзано темпо, се чистат заостанатите обврски на државата кон компаниите, што е добро за нивната ликвидност – рече Шимбов.
Во извештајот на Светска банка е наведено дека во поголемиот дел од регионот проекциите за пораст за 2018 година се ревидирани нагоре. Се очекува економиите на Косово и на Албанија да пораснат за 4 отсто оваа година. Порастот во Црна Гора, пак, е проектиран на 3,8 проценти и е за 1 процентен поен повисок, но, сепак, е помал од минатата година. Порастот во Босна и Херцеговина и понатаму е стабилен со околу 3,2 отсто. Српската економија се враќа на пораст од 3,5 проценти по забавувањето минатата година.
– Управувани од даночни реформи и побрз пораст, повисоките даночни приходи создадоа фискален простор, кој некои држави побрзаа да го користат за тековни трошоци и капитални инвестиции. Големите јавни инвестиции се добредојдени, но за да бидат успешни мора да бидат поддржани со поефикасно трошење на јавните пари. Зголемувањето на ненасочените социјални трошоци и јавните плати имаа непосреден ефект врз стапките на пораст во неколку земји преку побрз пораст на потрошувачката и кредитирањето на домаќинствата. Но таквите ефекти се привремени и скапи за одржување: на подолг рок тие ја зголемуваат фискалната ранливост – се наведува во извештајот на Светска банка.
Од СБ истакнуваат дека Босна и Херцеговина, Македонија и Србија сфатиле дека нивниот извоз расте брзо, но поради растечката потрошувачка и големите инфраструктурни проекти го зголемија и увозот.
– Одржливо зголемениот извоз ќе помогне да се одржи макроекономската стабилност, да придонесе за пораст и да се намали сиромаштијата. Поддршката, исто така, може да дојде и од регионалната интеграција. Мултигодишниот акциски план за изградба на регионална економска област е чекор во вистинската насока – советуваат од СБ.