Вработеноста кај лицата на возраст од 55 до 64 години, на ниво на Европската Унија, се зголемила со особено брзо темпо во годините помеѓу 2003 и 2018 година, а притоа влијанието од светската финансиска и економска криза било незначително или воопшто го немало. Во Македонија нема податоци што би упатувале на сличен тренд, но е забележано дека активноста на лицата на посочената возраст изнесува 25,2 отсто, а од нив 26,6 проценти биле вработени во текот на 2018 година
Бројот на повозрасни лица што остануваат на своите работни места до рокот за редовното пензионирање расте, покажуваат податоците од Европската Унија. Имено, во 2018 година, стапките на вработеност кај мажите и жените на возраст од 55 до 64 години биле повисоки од просекот на севкупната вработеност во Европската Унија. Притоа, кај мажите на посочената возраст вработеноста достигнала 65 отсто, додека кај жените 52 проценти, наспроти просечните стапки за сите возрасни мажи и жени што достигнуваат 60 и 48 отсто.
Во Македонија, пак, нема податоци за тоа дали и колку е зголемена вработеноста на повозрасните лица. Во согласност со податоците на Државниот завод за статистика, активноста кај лицата на возраст од 55 до 64 години изнесува 25,2 отсто, а од нив 26,6 проценти биле вработени во текот на 2018 година. Притоа, кај мажите вработеноста била 28,2 отсто, додека, пак, кај жените 24,1 проценти од популацијата на возраст од 55 до 64 години.
Она што се истакнува во анализата на „Евростат“ е дека вработеноста кај лицата на возраст од 55 до 64 години се зголемила со особено брзо темпо во годините помеѓу 2003 и 2018 година, а притоа влијанието од светската финансиска и економска криза било незначително или воопшто го немало. Ова беше особено забележливо во однос на растечкиот процент на вработеноста на повозрасните жени.
– Помеѓу 2003 и 2018 година, стапките на вработеност за оваа возрасна група се зголемија во сите земји-членки на ЕУ, освен во Грција. Во Словенија и во Бугарија стапката на вработеност кај лица на возраст од 55 до 64 години двојно се зголеми во овој период, а истата таа се зголемила со уште побрзо темпо во Словачка (2,2 пати). Во 2018 година, стапките на вработеност кај луѓето на возраст од 55 до 64 години беа повеќе од 70 отсто во Шведска, Германија и во Данска. Спротивно на тоа, имало земји-членки на ЕУ – Малта, Полска, Романија, Хрватска, Луксембург… – во кои стапките за оваа возрасна група биле помалку од 50 проценти – се наведува во соопштението.
Притоа анализата укажува дека еден од начините да се зголеми финансиската сигурност во староста е да се работи подолго.
– Постарите лица што го одложуваат пензионирањето заработуваат повеќе пари, акумулираат дополнителни пензиски права и може да заштедат дел од заработката или да ги пренасочат кон приватен план за пензија – е наведено во соопштението на „Евростат“.
Тие исто така посочуваат дека иако во сѐ уште мал број, сè поголем дел од населението во ЕУ на возраст од 65 до 74 години продолжува да работи. Во 2018 година биле вработени повеќе од една четвртина (26 проценти) од оваа возрасна група во Естонија, додека стапки над 15 отсто се забележани во Романија, Литванија, Португалија, Велика Британија, Ирска, Шведска и Летонија.
Во Македонија со Законот за пензиско и инвалидско осигурување е утврдено дека секој маж на возраст од 64 години и жена на 62 години живот, ако имаат најмалку 15 години пензиски стаж, исполнуваат услови за старосна пензија.
Сепак, и покрај вака поставените услови, во последниве години сѐ повеќе граѓани се одлучуваат да се откажат од својата пензија и да останат на работното место. Ова е забележливо во здравствениот сектор, но во последниве години истата тенденција се шири и во другите области.
– Веќе десетина години одам на работа иако ги исполнив условите за пензионирање. Газдата инсистираше да останам на работа сѐ додека можам соодветно да ги исполнувам работните задачи. Моето работно место физички не е изискувачко, иако е потребно речиси цел ден да ги надгледувам активностите на терен, бидејќи сум надзор при изградба на згради. Она што ме загрижува и што како тенденција се проширува последниве години е недостигот од млада работна сила, сѐ помалку работници и сѐ помалку сакаат да ја научат оваа дејност – вели скопјанецот Лазар Китановски.
Според податоците на ДЗС, во 2018 година во Македонија од лицата над 65 години, активни биле само 1,2 отсто од вкупната популација.
Иако побаравме податоци од Фондот за пензиско осигурување за бројот на лица што се откажале од пензија и останале на своите работни места и по исполнувањето услови за пензионирање, и по три недели чекање, одговор не добивме.
Од Агенцијата за вработување ни посочија дека се надлежни само за реализација на пријава или одјава во задолжително социјално осигурување, врз основа на документација доставена од страна на работодавецот.