Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, оствари средба со новоименуваниот директор на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Скопје, Анди Аранитаси, кој ќе ја преземе функцијата од досегашната директорка Анка Јоана Јонеску на 1 септември 2019 година.
Анѓушев му честиташе за преземената функцијата и порача дека очекува воспоставената соработка да продолжи со досегашната динамика, пред сѐ заради обезбедување развој на економијата и обезбедување подобар живот за граѓаните.
Тие дискутираа за тековните проекти што се спроведуваат со заедничка соработка на Владата и ЕБОР, а кои се однесуваат на регионално патно и енергетско поврзување, проекти од енергетскиот сектор, како и проекти за поддршка на малите и на средните претпријатија во земјата.
Анѓушев ја истакна добрата соработка помеѓу Владата и ЕБОР, преку која во нашата земја се одвиваат десетици проекти. Анѓушев подвлече дека поддршката од банката е значајна за реализација на енергетските проекти за подигнување на нивото на производство на електрична енергија од обновливи извори, стабилноста на електроенергетскиот систем, но и за изградба на екпресните патишта Крива Паланка – граница со Република Бугарија и Штип – Радовиш, изградбата на железницата кон Република Бугарија и други проекти што се изведуваат во соработка со банката.
Соговорниците се согласија дека соработката ќе продолжи со интензивна динамика, во насока на унапредување на поврзанoста во земјата и со соседните земји, во поглед на патната, железничката и енергетската инфраструктура, како и за унапредување на условите за водење бизнис и обезбедување финансиски средства, особено за микро, малите и за средните претпријатија.