Централните банки почнуваат да ги истражуваат можностите за издавање дигитални валути за да им овозможат на граѓаните и на компаниите да имаат и понатаму лесен пристап до парите издадени од централните банки, како најбезбедна форма на парите, објаснуваат од НБРСМ

ПОРАДИ ПРОЦЕНАТА ДЕКА РИЗИЦИТЕ И ТРОШОЦИТЕ ГИ НАДМИНУВААТ ПОТЕНЦИЈАЛНИТЕ ПРИДОБИВКИ

Предноста на новите дигитални форми на пари, кои овозможуваат побрзи и поевтини плаќања, а го олеснуваат и прекуграничниот трансфер, станува се попримамлива, но економистите од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) посочуваат дека државите треба да бидат многу внимателни при носење одлука дали ќе воведат своја национална дигитална валута или ќе прифатат плаќање со некои од постојните криптовалути.

Вредноста е непостојана и не е поврзана со реалната економија

Тобијас Адријан, финансиски советник и директор на Одделот за пазари на капитал на ММФ, и Рода Викс-Браун, генерален советник и директор на правниот оддел на ММФ, во анализа за крипто-средствата укажуваат оти е потребно јасно дефинирање на улогата на јавниот и приватниот сектор во обезбедување и регулирање на дигиталните пари.
– Некои земји може да бидат во искушение со усвојување постојни крипто-средства како национални валути. Иако голем дел од крипто-средствата се безбедни, лесни за пристап и евтини за трансакција, сепак, веруваме дека ризиците и трошоците ги надминуваат потенцијалните придобивки. Крипто-средствата се приватно издадени токени засновани на криптографски техники. Нивната вредност може да биде непостојана. Биткоинот, на пример, достигна врв од 65.000 долари во април и падна на помалку од половина од таа вредност по два месеца – посочуваат Адријан и Викс-Браун.

Издавање национални дигитални валути или официјализирање на крипто-средствата?

Аналитичарите укажуваат дека крипто-средствата се фундаментално различни од другите видови дигитални средства и дека одредени централни банки веќе размислуваат за издавање дигитални пари, но други земји размислуваат и за официјализирање на криптовалутите.
– Некои земји активно размислуваат за доделување статус на законско платежно средство на крипто-средства, па дури и да ги направат втора (или единствена) национална валута. Доколку крипто-средствата имаат статус на легално платежно средството, ќе мора да го прифатат доверителите при плаќање, слично на монетите издадени од централна банка. Земјите можат дури и да донесат закони за поттикнување на употребата на крипто-средствата како национална валута и задолжително платежно средство за секојдневни набавки. Но нивната вредност е премногу непостојана и не е поврзана со реалната економија. Најдиректните ризици за широкораспространето усвојување на крипто-средствата е макроекономската стабилност – укажуваат Адријан и Викс-Браун.

Некои централни банки веќе работат на издавање суверени дигитални валути

Претставниците на Народната банка на Македонија посочуваат дека треба да се прави разлика меѓу дигитални валути издадени од централните банки (англ. central bank digital currency – CBDC) и крипто-средства издадени од приватни субјекти, чија вредност е поврзана со вредноста на одредена суверена валута (stablecoin).
– Традиционално, суверените валути што ги издаваат централните банки можат да бидат издадени како книжни пари – банкноти, ковани пари – монети, жирални пари, електронски пари. Со развојот на технологијата, некои централни банки веќе имаат активни проекти за утврдување на потребата за издавање суверени валути во дигитален облик, кои се познати под називот дигитални валути на централните банки. Кај т.н. stablecoin, независно што вредноста на крипто-средството е „покриена“ со одредено портфолио валути, тие се издаваат од приватни субјекти, според нивни правила – потенцираат од НБРСМ.

Мора да се обезбедат безризични средства за плаќање

Од НБ појаснуваат дека една од задачите на централните банки е да обезбедат безризични средства за плаќања преку издавање банкноти и монети (готови пари). Објаснуваат дека иако готовите пари издадени од централните банки сѐ уште доминираат при плаќањата во малопродажба, сепак, дигитализацијата на општеството носи значајни придобивки во финансиската сфера, овозможувајќи висок раст на електронските плаќања, а со тоа и постепено намалување на готовите пари при секојдневните плаќања.
– Во ваков контекст, централните банки ги истражуваат можностите за издавање дигитални валути за да им овозможат на граѓаните и компаниите лесен пристап до парите издадени од централните банки, како најбезбедна форма. Европската централна банка неодамна извести дека започнува фазата на истражување на техничките карактеристики и дистрибуцијата на дигиталното евро, а потоа ќе следува одлука за можно издавање на дигиталното евро. Ќе се разгледува можниот дизајн на инфраструктурата за издавање и дистрибуција на дигиталното евро, кој треба да овозможи зачувување на приватноста на користењето на дигиталното евро, една од предностите на готовите пари, потоа сигурност во чувањето и користењето на дигиталното евро и да спречи преноси на средства поврзани со извршување нелегални активности, без да предизвика непосакувани ефекти врз финансиската стабилност и монетарната политика – укажуваат од НБРСМ.
Оттаму објаснуваат дека се очекува дигиталното евро да го олесни преносот на средства од плаќачот на примачот, со избегнување на потребата за нивно истовремено физичко присуство. Дизајнот на инфраструктурата преку која ќе се врши преносот, како во рамките на еврозоната, така и прекугранично, е во рана фаза на истражување.

Во Народната банка го следат развојот на новите технологии

Од НБ додаваат дека го следат развојот на новите технологии и нивната можна примена во финансискиот сектор, вклучувајќи ги и истражувањата и пилот-проектите за можното издавање дигитални валути од страна на централните банки во различни земји. Во согласност со исходот од овие истражувања и проекти, Народната банка презема соодветни активности за да одговори на идните предизвици во монетарната, финансиската и платежната сфера. Оттаму појаснуваат дека суверените валути се издаваат од страна на централните банки, кои всушност и се грижат за одржување на нивната вредност. Суверените валути, како што нагласуваат од НБ, имаат три клучни карактеристики поради кои се сметаат за „пари“. Прво претставуваат медиум за размена (т.е. се средство за плаќање) најмалку во земјата каде што се издадени. Второ, тие се мерка за изразување на вредноста во земјата каде што се издадени и, трето, служат како чувар на вредноста на економските агенти (т.е. можат да се чуваат заради штедење). За разлика од суверените валути, крипто-средствата не се пари, бидејќи не ги поседуваат трите клучни карактеристики на парите, потенцираат од НБРСМ.