Државите од Западен Балкан се заложија за намалување на цените во роаминг во регионот и со Европската унија(ЕУ) и ги утврдија целите за дигитална трансформација со која ќе се постигне поголема соработка и економски развој, со што воедно ќе се олесни нивната интеграција во Унијата.
По завршувањето на дводневниот Дигитален самит за Западен Балкан во Скопје, учесниците порачаа дека технолошката трансформација и нивна целосна дигитализација е еден од врвните приоритети на владите во регионот.
– Тоа значително ќе влијае на зголемување на работните места, на платите во регионот, на подобрување на услугите, индустриите, образованието и на намалување на корупцијата – рече македонскиот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, на завршната прес-конференција..
На Првиот дигитален самит за Западен Балкан државите од регионот се обврзаа и дека ќе го подобрат пристапот до широкопојасен интернет , изразија подготвеност и иницијатива да работат на активно меѓусебно признавање на дигиталните сертификати, потписи и печати, како и на олеснување на прекуграничните доверливи услуги . Се обврзаа и на следење на примената на реализацијата на иницијативата за ви-фи на ЕУ за која ЕК донесе одлука за проширување во Западен Балкан.
Заедно ќе работат и на сајбер безбедноста и на имплементацијата на Европската директива за мрежна информациска безбедност. Договорено е и креирање на политики за ИКТ образование и сертифицирање на сите групи население, како посветеност за подобрување на дигиталните вештини на луѓето кои не се вклучени во образованиот процес.
Ќе ја зголемат и регионалната соработката на полето на старт-апи, а со размена на искуства ќе создаваат и заеднички технолошки паркови кои ќе одговараат на критериумите поставени од ЕУ.