Сите граѓани што скенираат сметки до крајот на оваа недела треба да го добијат повратот на ДДВ на своите сметки, соопштуваат од Управата за јавни приходи.
Ова е прва исплата од владината мерка „Мој ДДВ“ што почна во јули годинава и се однесува на периодот јули, август и септември 2019 година, а почна со исплата на втори овој месец.
Во согласност со законското решение се врши поврат од 15 отсто од платениот ДДВ, а за овој период повратот од 15 отсто од платениот ДДВ е во износ од 186.215.194 денари. Во првиот квартал од „Мој ДДВ“ се скенирани 22.670.713 фискални сметки, остварен е вкупен промет во износ од 11.423.978.620 денари, со пресметан вкупен ДДВ во износ од 1.241.434.628 денари.
Од 15-ти овој месец почнува и наградната игра МојДДВ#МојаНаграда, која предвидува 3.852 парични награди во вкупен фонд од половина милион евра.
Наградната игра ќе трае една година и за тој период ќе се доделат две премии од 50.000 евра, месечно ќе се доделуваат 15 награди по 100.000 денари и дневно ќе се доделуваат 10 награди од по 1.000, 2.000 и 3.000 денари.
Дневните награди ќе се извлекуваат со електронски генератор, а на апликацијата „Мој ДДВ“ на секој добитник ќе му стигнува порака која сума ја добил. Доколку нема награда, на апликацијата ќе стигне едукативна порака, во духот на финансиската едукација. За месечните награди од по 100.000 денари и премиите од 50.000 евра, ќе има јавни извлекувања.