Компаниите снабдувачи со електрична енергија најдоцна до 3 декември треба да аплицираат на јавниот тендер за избор на универзален снабдувач со електрична енергија, кој го распиша Владата во септември, во согласност со новиот закон за енергетика, кој треба да се реализира до крајот на годинава.
Главните критериуми за избор се фирмата да има капитал од 20 милиони евра, искуство во дејноста и способност за испорака на сметки, а пресудна ќе биде цената што ќе ја понудат за маржата за покривање на нивните трошоци.
Изборот треба да заврши до крајот на годинава, а универзалниот снабдувач да почне со работа од 1 март. Во случај тендерот да пропадне, снабдувањето, како и досега, ќе го врши „ЕВН Македонија“.
На јавниот повик можат да учествуваат 28 домашни лиценцирани фирми, во соработка со други компании од земјава и од странство, а изборот на компанијата што ќе ги снабдува домаќинствата со струја ќе го врши комисија предводена од МАНУ.
Изборот на универзален снабдувач е еден од условите за целосна либерализација на пазарот на електрична енергија, што треба да почне од 1 јануари идната година.