Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување велат дека за докуп на стаж, во согласност со Законот за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, потребно е осигуреникот да бил во редовен работен однос, односно на работа, врз основа на која бил пријавен во задолжително социјално осигурување
Стечаи на фирми, технолошки вишоци, останување без работа, пишан и непишан стаж, поради разни случувања во еден долг период на транзиција многу од граѓаните што работеле и биле евидентирани како вработени се нашле во ситуација кога со достигнатата животна возраст за пензионирање немаат ниту остварен минимум од 15 години стаж. Досега во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување околу 1.500 осигуреници имаат поднесено барање за докуп на стаж. Од оваа институција велат дека за да се спроведе докуп на стаж, во согласност со Законот за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, потребно е осигуреникот да бил во редовен работен однос односно на работа врз основа на која бил пријавен во задолжително социјално осигурување, а од страна на обврзникот за пресметка и плаќање на придонес не бил платен придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, тогаш тој може самиот за себе да изврши плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување. Оние што не се во можност да го направат тоа, односно не ги исполнуваат условите не можат ниту да остварат право на пензија.
– Постапката за докуп на стаж е следна: осигуреникот поднесува барање до филијалите/деловниците на Фондот, за периодот што тој ќе го наведе во барањето, под услов да бил пријавен во задолжително социјално осигурување и обврзникот за плаќање придонес за пензиско и инвалидско осигурување е во стечај или е избришан од регистрите што се водат при Централниот регистар на земјава.
Фондот донесува решение за плаќање на придонесот на осигуреникот и декларации за плаќање. Досега околу 1.500 осигуреници имаат поднесено барање за докуп на стаж до филијалите на Фондот – велат од Кабинетот на директорот при Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Од Министерството за труд и социјална политика потврдуваат дека со Законот за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување од 10 февруари 2020 година се овозможува осигуреник што бил во редовен работен однос, односно на работа врз основа на која бил пријавен во задолжително социјално осигурување, а од страна на обврзникот за пресметка и плаќање на придонес не е платен придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, може самиот за себе да изврши плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување.
– Основицата за пресметка и плаќање на придонесот изнесува 20 отсто од просечната плата за претходната година од годината во која е поднесено барањето за плаќање на придонес за пензиско и инвалидско осигурување, објавена од Државниот завод за статистика.
Фондот донесува решение за плаќање на придонесот во согласност со овој закон, доколку утврди дека се исполнети следниве услови: осигуреникот бил пријавен во задолжително социјално осигурување, што се утврдува од податоците во матична евиденција во Фондот со претходно воспоставена пријава за почеток и престанок на осигурувањето утврдена во матичната евиденција на Фондот. Потоа придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за периодот за кој осигуреникот бил пријавен во задолжително социјално осигурување не е платен, односно не е целосно платен, што се утврдува со записник на Фондот и обврзникот за плаќање придонес за пензиско и инвалидско осигурување е во стечај, а осигуреникот е одјавен од осигурување или обврзникот е избришан од регистрите што се водат при Централниот регистар или друг регистар пред преземањето во Централниот регистар на Македонија, за што Фондот по службена должност обезбедува доказ врз основа на размена на податоци или врз основа на претходно спроведена М11/2 – објаснуваат од Министерството за труд и социјална политика. С.К.