Поради карактерот и должината на ковид-кризата, иселениците и работниците на привремена работа во странство сѐ повеќе ги користат формалните канали за достава на средствата за поддршка на семејствата, објаснуваат банкарите
Пандемијата ги смени навиките
на македонските гастарбајтери
Наспроти очекувањата на економистите дека поради пандемијата ќе се намалуваат дознаките што иселениците и тие што се на привремена работа во странство ги испраќаат кај своите семејства, официјалните податоци во земјава покажуваат пораст на приливите. Сепак, упатените објаснуваат дека порастот најверојатно се должи на неможноста на иселениците да ги посетат своите семејства, па финансиски средства им испраќаат преку официјалните канали, наместо како минатите години, кога се практикувало парите да се донесат во готовина при посета на семејствата.
Светската банка (СБ) на почетокот на пандемијата прогнозира дека дознаките, како значителен извор на приходи за земјите во развој, поради рецесијата предизвикана од ковид-19, ќе се намалат и ќе паднат за 20 отсто на глобално ниво, што би било најголемото намалување во последните децении. За споредба, во 2009 година, во времето на глобалната финансиска криза, дознаките на светско ниво паднаа за пет проценти.
Упатените објаснуваат дека рестриктивните мерки што ги презедоа повеќето европски земји за сузбивање на пандемијата директно влијаат врз платите на многубројните иселеници и работници на привремена работа во странство. Поради многубројните ограничувачки мерки, според прогнозата на СБ, први на удар требало да се најдат работниците што доаѓаат од земјите во развој, односно од земји како Македонија, кои може да останат без работа или, пак, со намалени приходи, што последователно би се одразило врз средствата што тие ги испраќаат кај своите семејства во земјава.
– Важен прилив на економски средства за нашата земја се дознаките од странство. Поради влошената економска ситуација во другите земји, висината на тие дознаки ќе се намали, со негативен ефект врз животниот стандард на граѓаните и на нашата економија. Дополнителен ефект од влошувањето на економската ситуација во другите земји е што има значително помалку шанси за работа на нашите граѓани во западните земји, што исто така влијае негативно врз нивниот животен стандард – посочува професорот Здравко Савески.
И поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини очекува намалување на дознаките, кои, како што истакнува, се значајна ставка во државниот буџет бидејќи тие некогаш изнесувале и 20 отсто од БДП, или околу две милијарди евра.
– Дознаките се значајна ставка не само за личната потрошувачка на граѓаните туку придонесуваат и за покривање на трговскиот дефицит и за покривање на дефицитот на платниот биланс. Годинава, претпоставувам, ќе се намали приливот на тие пари од повеќе причини.
Прво поради ограничувањето на движењето на луѓето, а второ на нашите работници што се во странство им се потребни како резерва во земјите каде што се наоѓаат, бидејќи и тие се таму во криза и остануваат без работа – објаснува Хајредини.
Девизните дознаки од иселениците и лицата на привремена работа во странство се важни за македонската економија, бидејќи истите тие се значаен дополнителен извор на приходи за дел од домаќинствата со кои се подобрува нивниот животен стандард. Истовремено, дознаките го зголемуваат девизниот потенцијал на домашната економија и помагаат во покривањето на трговскиот дефицит во размената со странство. Сепак, секогаш беше тешко да се утврди точниот износ на дознаките од странство, бидејќи тие често се внесуваа во земјава како готовина.
Наспроти очекувањата дека поради глобалната здравствено-економска криза приливот на дознаките ќе биде намален, последните податоци на Народната банка укажуваат дека преку електронските трансфери растат приливите по основа на дознаки од странство. Но на пазарот, сепак, е забележана послаба понуда на девизи. Вицегувернерката Емилија Нацевска во неодамнешното интервју истакна дека Народната банка, по повеќе од две години континуиран откуп на вишокот девизи на девизниот пазар, од март наваму интервенира со продажба на девизи.
– За разлика од претходните кризи, кога интервенциите беа поради раст на побарувачката предизвикана од засилената евроконверзија или подигање странска готовина, што, секако, го имаше и во оваа криза, овој пат затворањето на земјите поради пандемијата доведе до значително намалување на понудата на девизи. Ова особено беше случај со странската готовина, бидејќи нашите иселеници вообичаено ја носат со себе при посетата на семејствата во земјата, а наедно изостана ефектот и од нивната потрошувачка – кажа Нацевска.
Вицегувернерката појасни дека поради карактерот и должината на ковид-кризата, иселениците и работниците на привремена работа во странство повеќе ги користеле формалните канали за достава на средствата до семејствата.
– Ова доведе до висок годишен раст на нето-приливите врз основа на банкарски дознаки за 37,6 отсто, или 32,1 милиони евра и преку брзиот трансфер на средства за 50,9 отсто, или 37,1 милиони евра, во првата половина од оваа година.
Од почетокот на третиот квартал наваму, трендовите на девизниот пазар во земјава постојано се подобруваат, за што придонесуваат не само сезонските фактори туку главно и подобрите согледувања на граѓаните, кои се јавуваат со зголемена понуда на девизи. Во такви околности и девизната ликвидност на банкарскиот систем и натаму се подобрува, со што значително се намали и потребата за интервенции на Народната банка. Во септември и октомври, Народната банка беше само повремено присутна на девизниот пазар со продажба на девизи на банките поддржувачи, при што износот на интервенциите е најнизок од почетокот на кризата наваму – појасни вицегувернерката Нацевска.