Позитивниот кредитен рејтинг на земјава ги отвора можностите за пристап на македонските компании до странските пазари и до нивната препознатливост кај потенцијални деловни партнери во странство
Колку една компанија ќе го зголеми својот настап на странските пазари не зависи само од нејзиниот кредитен рејтинг, туку и од вкупниот кредитен рејтинг на државата, истакнуваат од Стопанската комора каде што вчера, на конференцијата на тема „Повисок кредитен рејтинг на земјата за подобар бонитет на македонските извозници пред странските партнери“, беа презентирани резултатите од оцената на бонитетната француска компанија за осигурување на кредитите за извоз „Кофејс“.
– Компанијата може да има кредитен рејтинг кој изнесува 10, но ако тој рејтинг не е проследен со висок рејтинг на земјата, тоа не ѝ вреди многу. Довербата во квалитетот на компанијата се гради и преку кредитниот рејтинг на државата која го создава и деловното опкружување – објасни Валентина Цветковска од Комората.
Оттаму, повикувајќи се на извештајот, тврдат дека компаниите во земјава се кредитоспособни, односно редовни плаќачи на земените кредити, а се подобрува и рејтингот на земјата.
– Кредитниот рејтинг на нашата држава во февруари 2019 година, според бонитетната куќа „Кофејс“, е оценет со ознака Б, со тенденција за стабилност до крајот на 2019 година. Бизнис-климата е оценета со ознака А4. Ова е напредок за разлика од претходните години кога државата беше оценета со ознака Ц за ризик на земјата и исто така ознака Ц за бизнис-климата во државата – објасни Цветковска.
Таа појасни дека при детерминирањето на кредитниот рејтинг на една држава се земаат предвид неколку важни фактори: националниот приход по глава на жител, растот на БДП, стапката на инфлација, фискалната рамнотежа, јавниот долг и економскиот развој.
Според Цветковска, зголемениот кредитен рејтинг ќе им помогне на клиентите и бизнис-партнерите да ги намалат финансиските и другите ризици кога ги склучуваат деловните договори, поголемата оцена во бонитетните извештаи ќе овозможи поголем кредибилитет во очите на клиентите и бизнис-партнерите, помал бизнис-ризик, поголема доверба и полесно, побрзо и помалку ризично донесување на бизнис-одлуките.
– При изготвувањето на анализата на кредитниот рејтинг, наведени се предностите на нашата држава: интеграцијата во германскиот синџир на производство (40 отсто од вкупниот извоз е во Германија), близината на централноевропските фабрики, конкурентноста на платите, поддршката на меѓународните донатори, како и високите дознаки на работниците во странство, и денарот што е врзан со еврото – додаде Цветковска.
Позитивниот кредитен рејтинг во земјава, како што рече оперативниот директор на СКМ, Анета Трајковска, доведува до отворање на можностите на македонските компании за пристап до странските пазари, а пред сѐ тие да бидат препознаени од странските деловни партнери.
Зголемениот кредитен рејтинг ќе им помогне на клиентите и на бизнис-партнерите да ги намалат финансиските и другите ризици кога склучуваат деловни договори.
– Поголемата оцена во бонитетниот извештај ќе овозможи поголем кредибилитет во очите на клиентите и бизнис-партнерите, помал бизнис-ризик, поголема доверба, полесно, побрзо и помалку ризично донесување бизнис-одлуки. Затоа ги повикуваме успешните компании да го верификуваат својот бонитет, односно да се стекнат со сертификатот, а преку него и до полесен пристап на странските пазари – заклучи Цветковска.